Нов Завет

Лука 3:3-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

3. И тој го обиколи целиот крај околу Јордан, проповедајќи покајно крштевање за проштевање на гревовите,

4. како што е напишано во книгата на зборовите на пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној што вика во пустината: ‚Подгответе го Господовиот пат и исправете ги патеките Негови;

5. секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат,

6. и секое тело ќе го види спасението Божјо!‘“

7. А на луѓето што доаѓаа кај него да ги крсти, им велеше: „Породи змиини, кој ви кажа да бегате од гневот што иде?

8. Но, направете плод достоен за покајание и не почнувајте да зборувате во себе: ‚Наш татко е Авраам!‘ Зашто ви велам дека Бог може и од овие камења да издигне чеда на Авраам.

9. Зашто веќе и секирата стои до коренот на дрвјата; и секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.“

10. И го прашаа луѓето, велејќи: „Тогаш што треба да правиме?“

11. А тој им одговори и рече: „Кој има две облеки, нека ги подели со оној што нема ниту една; а кој има храна, нека го направи истото.“

12. Дојдоа и цариници да ги крсти и му рекоа: „Учителе, што да направиме?“

13. А тој им рече: „Не барајте повеќе отколку што ви е одредено.“

14. Го прашаа и некои војници, говорејќи: „А што да правиме ние?“ И им рече: „Врз никого не извршувајте насилство, никого не клеветете и бидете задоволни со вашите плати.“

15. А бидејќи народот беше во исчекување, па сите помислуваа во срцата свои за Јован, да не е тој Христос,

16. Јован им одговараше на сите, велејќи: „Јас ве крштевам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ниту ремчињата на обувките Негови: Тој ќе ве крсти со Дух Свети и со оган.

17. Нему му е лопатата во раката Негова и Тој ќе го очисти гумното Свое, и ќе го собере житото во житницата Своја, а плевата ќе ја изгори со неизгаслив оган.“

18. И опоменувајќи со уште многу други нешта, му ја објавуваше на народот радосната вест.

19. А Ирод четворовласникот, укорен од него заради Иродијада, жената на брата му, и заради сите злодела што ги беше направил Ирод,

20. кон сето тоа додаде и уште едно: го затвори Јован во темница.

21. А кога се крсти сиот народ, се крсти и Исус, и додека се молеше, се отвори небото,

Прочитајте целосна глава Лука 3