Нов Завет

Лука 23:3-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

3. Пилат Го запраша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и му рече: „Ти велиш.“

4. Пилат им рече на првосвештениците и на народот: „Јас не наоѓам никаква вина кај Овој Човек.“

5. Но тие и понатаму велеа дека Тој го побунува народот и поучува по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па до овде.

6. А Пилат, штом чу за Галилеја, запраша: „Зар е Овој Човек Галилеец?“

7. И кога разбра дека е Тој од областа Иродова, Го испрати кај Ирод, кој во тоа време, исто така, беше во Ерусалим.

8. Ирод, кога Го виде Исус, се зарадува многу, бидејќи одамна имаше желба да го види, зашто беше слушал многу за Него, па се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него,

9. и Му поставуваше многу прашања, но Тој ништо не му одговори.

10. А првосвештениците и книжниците стоеја и жестоко Го обвинуваа.

11. Ирод, пак, со војниците свои, откако Го понизи и Му облече светла облека, Го прати пак кај Пилат.

12. Во тој ден Пилат и Ирод станаа пријатели, зашто порано беа скарани меѓу себе.

13. Пилат ги повика првосвештениците, началниците и народот,

14. па им рече: „Ми го доведовте Овој Човек како бунтовник на народот; а еве, јас пред вас Го испитав и не најдов кај Него никаква вина во она, за што Го обвинувате;

15. А ниту Ирод, зашто Го пратив и кај него; и ете, Тој не направил ништо што би заслужувало смрт;

16. па затоа ќе Го казнам и ќе Го пуштам.“

17. А тој требаше за празникот да им ослободи еден затвореник.

18. Но сите тие заедно повикаа, говорејќи: „Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!“

19. Варава беше фрлен в затвор заради некаква буна во градот и убиство.

20. Пилат одново повика, сакајќи да Го пушти Исус.

21. Но тие викаа, велејќи: „Распни Го, распни!“

22. Тој и по третпат им рече: „Та какво зло направил Овој? Јас не најдов во Него ништо што заслужува смрт; па затоа ќе Го казнам и ќе Го пуштам.“

23. Но тие настојуваа со голем вик и бараа Тој да биде распнат; и надвладеа нивниот вик и оној на првосвештениците.

Прочитајте целосна глава Лука 23