12. Во тој ден Пилат и Ирод станаа пријатели, зашто порано беа скарани меѓу себе.
13. Пилат ги повика првосвештениците, началниците и народот,
14. па им рече: „Ми го доведовте Овој Човек како бунтовник на народот; а еве, јас пред вас Го испитав и не најдов кај Него никаква вина во она, за што Го обвинувате;
15. А ниту Ирод, зашто Го пратив и кај него; и ете, Тој не направил ништо што би заслужувало смрт;
16. па затоа ќе Го казнам и ќе Го пуштам.“
17. А тој требаше за празникот да им ослободи еден затвореник.
18. Но сите тие заедно повикаа, говорејќи: „Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!“
19. Варава беше фрлен в затвор заради некаква буна во градот и убиство.
20. Пилат одново повика, сакајќи да Го пушти Исус.
21. Но тие викаа, велејќи: „Распни Го, распни!“
22. Тој и по третпат им рече: „Та какво зло направил Овој? Јас не најдов во Него ништо што заслужува смрт; па затоа ќе Го казнам и ќе Го пуштам.“
23. Но тие настојуваа со голем вик и бараа Тој да биде распнат; и надвладеа нивниот вик и оној на првосвештениците.
24. И Пилат одлучи да го исполни нивното барање,
25. па им го пушти затвореникот кој беше во темница заради бунт и убиство, оној за кого бараа; и Исус им го предаде на нивната волја.
26. И кога Го поведоа, Го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го ставија крстот, за да го носи по Исуса.
27. А по Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него.