55. Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинско питие.
56. Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него.
57. Како што Ме прати живиот Отец и Јас живеам преку Отецот, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене.
58. Ова е лебот што слезе од небото, а не како татковците ваши што јадеа мана и изумреа; кој јаде од овој леб, ќе живее довека.“
59. Ова го кажа Исус во синагогата, кога поучуваше во Капернаум.
60. Тогаш мнозина од учениците Негови, откако го слушнаа тоа, рекоа: „Тешки се овие зборови! Кој може да ги слуша!?“
61. А Исус, знаејќи во Себе дека учениците Негови негодуваат заради тоа, им рече: „Зар ова ве соблазнува?
62. А што ако Го видите Синот Човечки како се вознесува горе, каде што бил порано?
63. Духот е тој што оживува; телото ништо не ползува. Зборовите што ви ги кажав се дух и живот.
64. Но има меѓу вас и некои што не веруваат.“ Исус знаеше од почеток кои се тие што не веруваат и кој е тој што ќе го предаде.
65. И рече: „Затоа ви зборувам дека никој не може да дојде кај Мене, ако не му биде дадено од Мојот Отец.“
66. Од тоа време мнозина од Неговите ученици се повлекоа и не одеа веќе со Него.
67. Тогаш им рече Исус на дванаесетмината: „Да не сакате и вие да си отидете?“
68. А Симон Петар Му одговори: „Господи, кај кого ќе отидеме? Ти имаш зборови за вечен живот,
69. и ние поверувавме и познавме дека си Ти Христос, Син на живиот Бог.“