1. Не барајте, браќа мои, мнозина да станете учители, зашто знаете дека поголемо осудување ќе добиеме.
2. Сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го заузда и целото тело.
3. Ете, ако и ние на коњите им ставиме узда на устите, за да ни се покоруваат, тогаш управуваме со целото нивно тело.
4. Па, ете, и корабите: иако се толку многу големи и силно гонети од бурни ветрови, со мало кормило се управуваат онаму каде што кормиларот сака;
5. а така и јазикот е мал орган, но големи работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува;
6. и јазикот е оган, свет полн со неправда; јазикот се наоѓа во таква положба меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот.
7. Секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротува и се припитомува од човечкиот род,
8. а јазикот никој не може да го скроти: тој е немирно зло и полн со смртоносен отров.
9. Со него Го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето создадени според подобието Божјо.
10. Од истата уста излегува и благослов и клетва. Не треба, браќа мои, тоа така да биде.
11. А тече ли од еден ист извор слатка и горчлива вода?
12. Може ли, браќа мои, смоквата да раѓа маслинки, или лозата смокви? Така, од еден ист извор не може да тече солена и слатка вода.