Нов Завет

Галатјаните 2:6-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

6. А, пак, оние за кои се мисли дека значат нешто – какви и да биле тие некогаш, мене ми е сеедно, Бог не го гледа човекот по лице – тие ништо не ми дадоа.

7. Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е доверено да го проповедам Евангелието на необрезаните, како на Петар – на обрезаните,

8. зашто Оној, Кој дејствуваше врз Пе­тар да врши апостолска служба меѓу обрезаните, дејствуваше и врз мене за апостолска служба меѓу незнабошците

9. и кога ја познаа благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ни ја подадоа мене и на Варнава раката за заедништво и се согласија ние да одиме кај нез­на­бош­ци­те, а тие – кај обрезаните.

10. Посакаа само да ги помниме сиромасите, за што се погрижив и точно да го исполнам.

11. А кога дојде Кифа во Антиохија, јас лично му се спротивставив, зашто беше заслужил осудување.

12. Имено, пред да пристигнат некои од Јаков, тој јадеше заедно со незна­бошците; а кога дојдоа, почна да се снебива и да се двои, бидејќи се пла­ше­ше од обрезаните.

13. Заедно со него лицемереа и другите Јудејци, така што со нивното лицеме­рие беше заведен дури и Варнава.

14. А кога видов дека тие не постапува­ат точно според Евангелската вистина, му реков на Кифа пред сите: „Кога ти, кој си Јудеец, живееш како незнабошците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да жи­веат јудејски?“

15. Ние сме родени како Јудејци, а не грешници од незнабошците.

16. Но знаеме дека човекот не се оправдува преку делата на Законот, ту­ку само преку верата во Христос Исус. Затоа и ние поверувавме во Исус Христос, за да се оправдаме преку ве­ра­та во Христа, а не преку делата на За­конот; зашто преку делата на Законот нема никој да се оправда.

17. Ако, пак, барајќи да се оправдаме во Христос, и сами се најдовме грешници, не е ли тогаш Христос слуга на гре­вот? Тоа никако!

18. Зашто, ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш и сам станувам престапник;

19. преку Законот умрев за Законот, за да живеам за Бога. Се распнав заедно со Христос;

Прочитајте целосна глава Галатјаните 2