Нов Завет

Римјаните 5:9-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

9. Сега, откако сме оправдани преку крвта на Христос што се пролеа за нас, можеме да бидеме уште посигурни дека заради Исус ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев.

10. Ако додека уште бевме непријатели, се смиривме со Бог преку смртта на Неговиот син, колку посигурни можеме да бидеме сега, кога сме смирени и кога Исус е жив, дека ќе бидеме поштедени од Божјиот гнев!

11. Затоа имаме причина да се гордееме со Бог и со она што Тој го направи за нас со посредство на нашиот Господ Исус Христос, Кој не смири со Бог.

12. Гревот навлезе во овој свет преку еден човек, односно преку Адам. Гревот ја донесе смртта, која ги зафати сите луѓе, бидејќи сите згрешија.

13. Луѓето беа грешни и кога немаше Закон. Иако во отсуство на Закон ние не го признаваме гревот,

14. сепак, сите што живееја од Адам до Мојсеј, кога беше даден Божјиот Закон, не ја одбегнаа смртта. Сите умреа, иако не направија грев каков што направи Адам: не прекршија јасно изречена Божја заповед.

15. Но со подарокот не е исто како со престапот. Додека престапот на еден човек им донесе смрт на многумина, љубовта на еден друг човек, на Исус Христос, им носи изобилно простување на мнозина, како подарок кој произлегува од Божјата благонаклоност.

16. Ни резултатот од Божјиот подарок не е ист со последиците од Адамовиот грев. Од гревот на тој еден човек произлезе осуда за сите, додека од Божјиот подарок добиваме оправдание, иако сме виновни за многубројни престапи.

17. Ако смртта завладеа преку престапот на само еден човек, колку повеќе оние што ја примиле Божјата изобилна благонаклоност и подарената праведност ќе завладеат со животот во полна сила, повторно по заслуга на еден единствен човек, Исус Христос.

18. Значи, како што еден престап доведе до осуда на сите луѓе, така преку едно праведно дело дојде до оправдување што им носи живот на сите луѓе.

19. Како што преку непослушноста на еден човек многумина станаа грешници, така преку послушноста на еден човек многумина ќе станат праведници.

20. Божјиот Закон беше даден за да видат луѓето колку нараснал гревот. Но иако гревот многу нарасна, Божјата милостива благонаклоност се покажа поголема.

Прочитајте целосна глава Римјаните 5