Нов Завет

Откровение 18:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Потоа видов еден друг ангел како слегува од небото. Тој имаше голема моќ и од неговиот сјај светна и Земјата.

2. Ангелот извика со силен глас: „Падна, падна големиот Вавилон и се претвори во живеалиште на демони, гнездо на сите нечисти духови и гнасни птици, дувло на сите гнасни животни!

3. Зашто сите народи ги опијани со жестокото вино на својот блуд! Сите владетели на Земјата блудничеа со вавилонската блудница, а сите трговци на Земјата се богатеа од нејзината необуздана похот“!

4. Тогаш од небото се јави еден друг глас, кој рече: „Истапи од вавилонската блудница, народе Мој! Не учествувај во нејзините гревови, за да не станеш соучесник во нејзината казна!

5. Зашто нејзините гревови се напластија до небото, и Господ ќе ја казни за нејзината изопаченост!

6. Направете и како што таа ви правеше вам, вратете и двојно за злото што таа ви го стори! Нека испие двојно погорчлива напивка од онаа што им ја даваше на другите!

7. Зададете и толку маки и жалости, колку што раскош и уживања самата си даваше! Во своето срце таа се фалеше: ,Еве, седам како кралица, а не како вдовица; за мака нема никогаш да знам!‘

8. Затоа, во еден ист ден ќе биде погодена со жалост, глад и смрт! Во оган ќе биде изгорена, зашто Судија ќе и биде Господ, моќниот Бог!“

9. А владетелите од целата Земја, кои соучествуваа во нејзиниот блуд и уживаа во нејзиниот раскош, ќе плачат по неа и ќе тагуваат кога ќе го видат димот од огнот што ќе ја изгори.

Прочитајте целосна глава Откровение 18