Нов Завет

Откровение 13:11-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

11. Потоа видов и втор Ѕвер. Тој излегуваше од Земјата. Имаше два рога како јагне, но зборуваше со глас на змеј.

12. Овој Ѕвер е во служба на првиот Ѕвер, кој имаше смртоносна рана што му зарасна. Тој ќе ја користи сета своја власт да ги натера сите луѓе на Земјата да му се клањаат на првиот Ѕвер.

13. Притоа, тој ќе извршува и големи чуда; ќе направи дури и оган од небото да паѓа, пред очите на луѓето.

14. Целта на вториот Ѕвер е да ги заведе луѓето на Земјата, со чудата што ќе ги извршува. Тој ќе ги убеди луѓето да му направат икона на Ѕверот што беше смртно ранет со меч, но преживеа.

15. Нему ќе му биде дозволено да внесе живот во иконата, која ќе проговори и ќе ги убива сите што нема да му се клањаат на Ѕверот.

16. Тој ќе ги принуди сите луѓе - мали и големи, богати и сиромаси, слободни или робови - да бидат обележени на десната рака или на челото.

17. Без тој белег никој не ќе може ништо да купува или да продава. Белегот ќе биде името на Ѕверот или бројот што ќе го претставува неговото име.

18. Потребна е мудрост за да се разбере ова. Тој што е прониклив, ќе може да го открие значењето на бројот на Ѕверот. Бројот се однесува на човек и изнесува 666.

Прочитајте целосна глава Откровение 13