Нов Завет

Откровение 11:9-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

9. Три и пол дена, луѓе од секој народ, племе, јазик и раса ќе доаѓаат да ги гледаат нивните тела и нема да дозволат телата да бидат погребани.

10. Луѓето што се врзани само за овој свет ќе се веселат и ќе се радуваат, ќе си даваат подароци едни на други, зашто овие двајца пророци им нанесуваа големи страдања.

11. Но по три и пол дена, во нивните тела ќе се врати животодавниот дух од Бог и тие ќе станат. Голем страв ќе ги зафати оние што ќе ги гледаат!

12. Тогаш чув глас од небото, кој на двајцата пророци им рече: „Искачете се овде!“ Пред очите на нивните непријатели, тие во облак се вознесоа на небото.

13. Во исто време, градот го погоди страшен земјотрес. Една десетина од градот беше разурната, а седум илјади души загинаа. Преживеаните ги обзеде голем страв и Му оддадоа слава на небесниот Бог.

14. Втората мака помина, но еве, веќе пристигнува и третата!

15. Седмиот ангел затруби и од небото зататнеа силни гласови, кои говореа: „Власта над целиот свет Му припаѓа на нашиот Господ и на Неговиот Помазаник, Кој ќе владее во вечни векови!“

16. Тогаш дваесет и четирите старешини што седеа на своите престоли пред самиот Бог, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бог,

17. говорејќи: „Господе, Семоќен Боже, Ти Којшто постоиш, и Кој отсекогаш си постоел: Ти благодариме, што најпосле во Свои раце ја презеде големата власт и што Твоето владеење започна!

18. Народите кои не Те почитуваат го истурија својот бес, но сега дојде времето на Твојот гнев! Дојде време да им се суди на умрените, да се наградат Твоите слуги, пророците, и сите Божји луѓе - оние што имаат страхопочит спрема Твоето име, мали и големи. Дојде време да бидат уништени уништувачите на Земјата!“

19. Во тој миг се отвори вратата на Божјиот храм што се наоѓа на небото и се виде Ковчегот на Заветот. Болснаа молскавици, зататнеа грмежи, Земјата ја погоди земјотрес и врнеж од огромни зрна град!“

Прочитајте целосна глава Откровение 11