Нов Завет

Maтеј 9:17-30 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

17. Ниту пак некој става ново вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат. Затоа, ново вино се става во нови мешини, па така и двете ќе се запазат.“

18. Додека Исус говореше, еден еврејски началник на синагогата дојде кај Него, клекна на колена и Му рече: „Тукушто ми умре ќерката; дојди и положи ја Својата рака врз неа и таа ќе се поврати во живот!“

19. Исус стана и тргна по него, заедно со Своите ученици.

20. А една жена, која дванаесет години боледувала од незапирливо крвавење, Му се приближи на Исуса одзади и допре едно крајче од Неговата облека,

21. бидејќи во себе си велеше: „Само да ја допрам Неговата облека и ќе оздравам!“

22. Исус се сврте, ја погледна и ђ рече: „Не плаши се, ќерко, ти оздраве врз основа на твојата вера.“ Во истиот миг, жената оздраве.

23. Потоа, Исус пристигна во куќата на началникот. Кога ги виде погребните музичари и избезумените луѓе,

24. им рече: „Тргнете се, зашто девојката не е мртва, туку спие!“ А тие Му се подбиваа.

25. Кога луѓето излегоа надвор, Исус влезе, ја фати девојката за рака и таа стана.

26. За ова чудо се разгласи по целиот крај.

27. Кога Исус си заминуваше оттаму, по Него идеа двајца слепи, викајќи на сиот глас: „Смилувај ни се, сине Давидов!“

28. Кога влезе во куќата, двајцата слепи Му пристапија, а Исус ги запраша: „Верувате ли дека можам да ве излекувам и да прогледате?“ Тие Му одговорија: „Да, Господе!“

29. Тогаш Тој им ги допре очите и им рече: „Нека ви биде според вашата вера!“

30. И тие наеднаш прогледаа. А Исус најстрого им забрани никому да не му кажуваат за ова.

Прочитајте целосна глава Maтеј 9