Нов Завет

Maтеј 9:12-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Исус ги чу, па им рече: „Не им треба лекар на здравите, туку на болните!

13. Одете и научете се што значи напишаното во Светото Писмо: ,Сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви!‘ Јас не дојдов да ги повикам ,праведниците‘, туку грешниците.“

14. Еден ден, кај Исус дојдоа учениците на Јован Крстител и Го запрашаа: „Зошто ние и фарисеите често постиме, а Твоите ученици воопшто не постат?“

15. Исус им одговори: „Зар сватовите треба да тагуваат додека е со нив младоженецот? Но еден ден младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат.“

16. „Никој не крпи стара облека со нова крпа, зашто новата крпа ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка.

17. Ниту пак некој става ново вино во стари кожни мешини, зашто мешините ќе пукнат и виното ќе истече, а и мешините ќе пропаднат. Затоа, ново вино се става во нови мешини, па така и двете ќе се запазат.“

18. Додека Исус говореше, еден еврејски началник на синагогата дојде кај Него, клекна на колена и Му рече: „Тукушто ми умре ќерката; дојди и положи ја Својата рака врз неа и таа ќе се поврати во живот!“

19. Исус стана и тргна по него, заедно со Своите ученици.

20. А една жена, која дванаесет години боледувала од незапирливо крвавење, Му се приближи на Исуса одзади и допре едно крајче од Неговата облека,

21. бидејќи во себе си велеше: „Само да ја допрам Неговата облека и ќе оздравам!“

Прочитајте целосна глава Maтеј 9