Нов Завет

Марко 9:25-43 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

25. Кога Исус виде дека сe повеќе народ се собира, со строг глас му нареди на глувонемиот дух да излезе од момчето и никогаш повеќе да не се врати во него.

26. Демонскиот дух вресна, силно го стресе момчето и излезе од него. Момчето за миг изгледаше како да е мртво, а така мислеа и насобраните луѓе.

27. Но Исус го фати за рака и го исправи. Момчето застана на своите нозе.

28. Кога Исус се врати дома, Неговите ученици насамо Го запрашаа: „Зошто ние не можевме да го истераме демонскиот дух?“

29. Исус им одговори: „Овој вид демони можат да се избркаат само со молитва.“

30. Заминувајќи си оттаму, Исус и Неговите ученици патуваа низ покраината Галилеја. Исус не сакаше никој да дознае за тоа.

31. Тој сакаше да го мине времето поучувајќи ги само Своите ученици. Им зборуваше дека Тој, Синот Човечки, ќе им биде предаден на луѓето и дека тие ќе Го погубат, но и тоа дека три дена по погубувањето Тој ќе воскресне од мртвите.

32. Тие не сфаќаа за што зборува, а се плашеа да Го распрашуваат околу тоа.

33. Потоа Исус и Неговите ученици отидоа во Неговата куќа во градот Кафарнаум. Таму, во куќата, Исус ги праша: „За што се расправавте по патот?“

34. Тие молчеа, бидејќи расправијата беше околу тоа, кој од нив е најважен.

35. Седнувајќи, Исус ги повика дванаесеттемина Свои ученици да се соберат околу Него, па им рече: „Тој што сака почесно место меѓу вас, треба да им биде како слуга на сите!“

36. Потоа Исус повика едно дете, го исправи пред нив, го гушна и рече:

37. „Секој што во Мое име ќе прифати едно од овие деца, Ме прифаќа Мене. Прифаќајќи Ме Мене, Го прифаќа и Оној што Ме испрати.“

38. Јован Му рече на Исус: „Учителе, сретнавме еден човек кој се користи со Твоето име и изгонува демони. Да му забраниме да го прави тоа, бидејќи тој не и припаѓа на нашата група!“

39. Но Исус им одговори на Своите ученици: „Немојте да му забранувате! Тој што извршува чуда во Мое име, нема толку лесно да се сврти против Мене.

40. Кој не е против нас, тој е за нас.

41. Ве уверувам дека секој што ќе ви даде макар и чаша вода во Мое име, заради тоа што сте следбеници на Месијата, несомнено ќе биде награден.“

42. „Ако некој биде причинител за отстапување од верата во Мене на едно од овие најмаливе, подобро би му било да си стави воденички камен околу вратот и да се удави на дното од морето!

43. Ако твојата рака те наведува на грев - отсечи ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една рака, отколку со двете раце да завршиш во пеколот - во вечниот оган!

Прочитајте целосна глава Марко 9