поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Нов Завет

Марко 9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Во продолжение Исус рече: „Ве уверувам дека меѓу овде присутните има некои што ќе го видат стапувањето во сила на Божјото царство уште пред да умрат!“

2. Шест дена по ова, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги поведе насамо на една висока планина. Таму, пред нивните очи Тој се преобрази, така што

3. облеката му стана блескаво-бела, како што не би можела да се избели со ниедно белило на Земјата!

4. Заедно со Него се појавија и Мојсеј и пророкот Илија кои разговараа со Исус.

5. Тогаш Петар Му рече на Исус: „Учителе! Колку ни е убаво овде! Да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“

6. Ова го рече не знаејќи што друго да каже, зашто тие беа многу исплашени.

7. Во тој момент ги засени еден густ облак, а од облакот проговори глас: „Ова е Мојот Син, Мојот Љубимец; Него слушајте Го.“

8. Учениците тогаш се обѕрнаа околу себе, но Го видоа само Исуса и никој друг.

9. Додека слегуваа од планината, Исус им рече: „Никому не кажувајте му за ова што го видовте, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.“

10. Тие Го послушаа, но меѓу себе се прашуваа: „Што сакаше да каже со воскреснувањето од мртвите?“

11. Потоа учениците Го прашаа Исуса: „Зошто вероучителите велат дека пред да се појави Месијата, треба да дојде Илија?“

12. Исус им одговори: „Бездруго, најпрво ќе дојде Илија, за да подготви сe. Но, зар Светото Писмо не го вели и тоа дека Синот Човечки многу ќе настрада и дека ќе биде отфрлен?

13. Ве уверувам дека Илија веќе дојде, но луѓето постапија со него како што сакаа - токму како што е претскажано во Светото Писмо!“

14. Кога Исус и тројцата Негови ученици се вратија кај другите ученици, забележаа голема толпа народ и вероучители како се расправаат со нив.

15. Луѓето се изненадија при појавата на Исус и веднаш Му потрчаа во пресрет да Го поздрават.

16. Исус ги запраша: „За што се расправавте?“

17. Еден човек од народот Му одговори: „Учителе! Го носев син ми кај Тебе. Обземен е од демонски дух и нем е.

18. Кога ќе добие напад паѓа наземи, устата му пени, крцка со забите и се вкочанува. Ги замолив Твоите ученици да го ослободат од демонскиот дух, но тие не можеа.“

19. Тогаш Исус рече: „Ах, безверен народе! До кога ќе морам да бидам со вас и да ве поднесувам!? Доведете го момчето кај Мене!“

20. Го доведоа момчето. Кога демонскиот дух во него Го виде Исуса, веднаш го нападна момчето: тресејќи се, момчето падна на земјата, почна да се валка, а од устата му излегуваше пена.

21. Исус го праша таткото на момчето: “Од кога му е вака?“ “Уште од детството“ - одговори таткото.

22. „Демонот во него честопати се обидува да го убие, фрлајќи го во оган или во вода. Ако можеш, те молам, смилувај ни се и помогни ни!“

23. „Зошто велиш: ?Ако можеш‘? Нема ништо невозможно за оној што има вера!“ - му одговори Исус.

24. Со силен глас, таткото извика: „Верувам, но помогни ми да не се сомневам!“

25. Кога Исус виде дека сe повеќе народ се собира, со строг глас му нареди на глувонемиот дух да излезе од момчето и никогаш повеќе да не се врати во него.

26. Демонскиот дух вресна, силно го стресе момчето и излезе од него. Момчето за миг изгледаше како да е мртво, а така мислеа и насобраните луѓе.

27. Но Исус го фати за рака и го исправи. Момчето застана на своите нозе.

28. Кога Исус се врати дома, Неговите ученици насамо Го запрашаа: „Зошто ние не можевме да го истераме демонскиот дух?“

29. Исус им одговори: „Овој вид демони можат да се избркаат само со молитва.“

30. Заминувајќи си оттаму, Исус и Неговите ученици патуваа низ покраината Галилеја. Исус не сакаше никој да дознае за тоа.

31. Тој сакаше да го мине времето поучувајќи ги само Своите ученици. Им зборуваше дека Тој, Синот Човечки, ќе им биде предаден на луѓето и дека тие ќе Го погубат, но и тоа дека три дена по погубувањето Тој ќе воскресне од мртвите.

32. Тие не сфаќаа за што зборува, а се плашеа да Го распрашуваат околу тоа.

33. Потоа Исус и Неговите ученици отидоа во Неговата куќа во градот Кафарнаум. Таму, во куќата, Исус ги праша: „За што се расправавте по патот?“

34. Тие молчеа, бидејќи расправијата беше околу тоа, кој од нив е најважен.

35. Седнувајќи, Исус ги повика дванаесеттемина Свои ученици да се соберат околу Него, па им рече: „Тој што сака почесно место меѓу вас, треба да им биде како слуга на сите!“

36. Потоа Исус повика едно дете, го исправи пред нив, го гушна и рече:

37. „Секој што во Мое име ќе прифати едно од овие деца, Ме прифаќа Мене. Прифаќајќи Ме Мене, Го прифаќа и Оној што Ме испрати.“

38. Јован Му рече на Исус: „Учителе, сретнавме еден човек кој се користи со Твоето име и изгонува демони. Да му забраниме да го прави тоа, бидејќи тој не и припаѓа на нашата група!“

39. Но Исус им одговори на Своите ученици: „Немојте да му забранувате! Тој што извршува чуда во Мое име, нема толку лесно да се сврти против Мене.

40. Кој не е против нас, тој е за нас.

41. Ве уверувам дека секој што ќе ви даде макар и чаша вода во Мое име, заради тоа што сте следбеници на Месијата, несомнено ќе биде награден.“

42. „Ако некој биде причинител за отстапување од верата во Мене на едно од овие најмаливе, подобро би му било да си стави воденички камен околу вратот и да се удави на дното од морето!

43. Ако твојата рака те наведува на грев - отсечи ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една рака, отколку со двете раце да завршиш во пеколот - во вечниот оган!

44. --

45. Ако твојата нога те наведува на грев - отсечи ја! Подобро е да влезеш во вечниот живот со една нога, отколку со две да бидеш фрлен во пеколот!

46. --

47. Ако твоето око те наведува на грев - ископај го! Подобро е да влезеш во Божјото царство со едно око, отколку со две очи да бидеш фрлен во пеколот.

48. Таму црвот не престанува да гризе и огнот не престанува да гори!

49. Имено, секој ќе биде со оган ?посолен‘.

50. Солта е добра, но ако солта облутави, како ќе и го вратите солениот вкус? Имајте ги својствата на солта во меѓусебните односи и ќе живеете во мир еден со друг.“