Нов Завет

Марко 4:21-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

21. Продолжувајќи, Исус им рече: „Зар свеќа се пали за да се покрие со капак или пак да се стави под кревет!? Зар не се пали за да се стави на свеќник?

22. Нема ништо скриено што нема да излезе на виделина. Нема тајно дело што нема да се дознае.

23. Ако имате уши - слушајте внимателно!

24. Слушајте внимателно: со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери и ќе ви се додаде!

25. На тој што има нешто, ќе му се додаде уште; на тој што нема, ќе му се одземе и она малку што го има!“

26. Во продолжение, Исус рече: „Божјото царство може да се спореди со семе што човек го посева на својата нива.

27. Потоа, тој ноќе спие, а дење излегува. За тоа време семето никнува и расте, иако тој не го разбира тоа.

28. Самата земја го произведува плодот: најпрво стебло, потоа клас и на крајот зрна.

29. Штом плодот ќе созрее, доаѓа жетвата и сејачот го жнее.“

30. „Како да го опишеме Божјото царство? Со што да го споредиме?“ - продолжи Исус.

31. „Тоа може да се спореди со посеано синапово зрно: иако тоа е најмало од сите семиња,

32. кога ќе се посее, израснува поголемо од сите градинарски растенија и се разгранува, така што под неговите гранки и птиците си свиваат гнезда!“

Прочитајте целосна глава Марко 4