Нов Завет

Марко 4:14-34 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

14. Тоа што сејачот го сее е Божјата порака.

15. Тврдата почва, покрај патот, ги претставува луѓето што ќе ја чујат пораката, но веднаш доаѓа Сатаната и им ја одзема од срцето.

16. Каменестата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака и веднаш со задоволство ја прифаќаат.

17. Но таа во нив не се закоренува и тие остануваат верници само кратко време: штом ќе надојдат неволи или прогонства поради верата во Божјата порака, тие веднаш потклекнуваат.

18. Трнливата почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака,

19. но прекумерните грижи за работи од овој земен живот и желбата да се збогатат и да имаат сe и сешто ги заведуваат и ја задушуваат пораката во нив; така таа останува без плод.

20. Плодната почва ги претставува оние што ја слушаат Божјата порака, ја прифаќаат и донесуваат род: едни триесеткратен, други шеесеткратен, трети стократен.“

21. Продолжувајќи, Исус им рече: „Зар свеќа се пали за да се покрие со капак или пак да се стави под кревет!? Зар не се пали за да се стави на свеќник?

22. Нема ништо скриено што нема да излезе на виделина. Нема тајно дело што нема да се дознае.

23. Ако имате уши - слушајте внимателно!

24. Слушајте внимателно: со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери и ќе ви се додаде!

25. На тој што има нешто, ќе му се додаде уште; на тој што нема, ќе му се одземе и она малку што го има!“

26. Во продолжение, Исус рече: „Божјото царство може да се спореди со семе што човек го посева на својата нива.

27. Потоа, тој ноќе спие, а дење излегува. За тоа време семето никнува и расте, иако тој не го разбира тоа.

28. Самата земја го произведува плодот: најпрво стебло, потоа клас и на крајот зрна.

29. Штом плодот ќе созрее, доаѓа жетвата и сејачот го жнее.“

30. „Како да го опишеме Божјото царство? Со што да го споредиме?“ - продолжи Исус.

31. „Тоа може да се спореди со посеано синапово зрно: иако тоа е најмало од сите семиња,

32. кога ќе се посее, израснува поголемо од сите градинарски растенија и се разгранува, така што под неговите гранки и птиците си свиваат гнезда!“

33. Користејќи се и со многу други, слични споредби, Исус му ја изложуваше на народот Својата порака, на разбирлив начин за нив.

34. Ништо не им кажуваше без да се користи со споредби. А кога беше насамо со Своите ученици, ним им објаснуваше сe.

Прочитајте целосна глава Марко 4