Нов Завет

Марко 3:22-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

22. Вероучителите што беа дојдени од Ерусалим зборуваа дека Исус е обземен од Баалзибул - поглавицата на демонските духови - и дека со помош на Баалзибул ги изгонува демонските духови.

23. Тогаш Исус го повика народот да се собере околу Него, па почна да му зборува преку споредби. “Како може Сатаната сам себеси да се изгонува!?

24. Царство во кое едни против други војуваат, не може да се одржи!

25. Семејство во кое владее неслога, не може да се одржи!

26. Ако Сатаната се крене сам против себе - тоа би значело крај за него!

27. Може ли некој да му упадне во куќата на силен човек и да го ограби, ако прво не го совлада и не го врзе? Само така ќе може да го ограби!

28. Сериозно ви велам: сите грешни дела и навреди, колку и да се тешки, можат да им бидат простени на луѓето;

29. но нема простување за оној што ќе го навреди Светиот Дух; таквиот грев вечно ќе го товари.“

30. Исус го рече ова, зашто за Него говореа дека е обземен со демонски дух.

31. Тогаш пристигнаа мајка Му и браќата на Исус. Стоејќи надвор, тие испратија некого да Го повика.

32. Токму тогаш околу Него се беше насобрал многу народ и некои меѓу нив Му рекоа: „Ене ги надвор мајка ти, браќата и сестрите Твои и Те викаат!“

33. А Тој им одговори: „Која ми е мајка и кои ми се браќа и сестри?“

34. Покажувајќи на седнатите околу Него, додаде: „Еве ги мајка Ми и браќата Мои!

35. Секој што ја извршува Божјата волја ми е и брат и сестра и мајка!“

Прочитајте целосна глава Марко 3