Нов Завет

Марко 2:13-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Исус повторно отиде на брегот на Галилејското Езеро. Голема толпа луѓе се собра околу Него и Тој ги поучуваше.

14. Одејќи, Исус го забележа Алфеевиот син Левиј. Тој седеше на своето работно место - собирач на данок. Исус го повика: „Дојди и биди Мој следбеник!“ Левиј стана и Му се придружи на Исус.

15. Подоцна Исус и Неговите ученици беа поканети на вечера кај Левиј. Меѓу поканетите беа и голем број собирачи на данок и други грешници кои одеа по Исус.

16. Некои од вероучителите беа припадници на фарисеите. Гледајќи како Исус вечера со грешници и собирачи на данок, тие им приговорија на Исусовите ученици, велејќи: „Зошто Исус вечера со собирачи на данок и со грешници!?“

17. Исус ги слушна и им одговори: „На здравите луѓе не им е потребен лекар, туку на болните. За Мои следбеници не дојдов да поканувам „праведници“, туку грешници!“

18. Учениците на Јован Крстител, како и фарисеите, практикуваа постење. Затоа некој дојде кај Исус и Го праша: „Зошто Твоите ученици не постат, како што постат учениците на Јован Крстител и на фарисеите?“

19. Исус им одговори: „Зар очекувате сватовите да постат за време на свадбата, додека младоженецот е со нив?

20. Ќе дојде време кога младоженецот ќе се оттргне од нив; тогаш тие ќе постат.

21. Не се крпи стара облека со нова крпа од непрано платно! Зашто, крпата од новото платно ќе се собере и ќе направи уште поголема дупка!

22. Не се става ново вино во стари кожни мешини! Новото вино ферментирајќи ќе ги пукне старите мешини! Тогаш и виното ќе истече и мешините ќе се уништат. Ново вино се става во нови мешини!“

23. Еден саботен ден Исус минуваше преку некои ниви, а Неговите ученици кинеа клавчиња.

24. Некои од фарисеите Му приговорија, велејќи: „Зошто го прават во саботен ден она што не смее да се прави во сабота!?“

25. Исус им одговори: „Зар не сте читале што направи Давид кога заедно со неговата дружина се најдоа во невола и огладнеа?

26. Тоа беше во времето на Првосвештеникот Евјатар. Давид влезе во Божјиот храм, и тој и неговата дружина јадеа од посветените лебови, од кои само свештениците смеат да јадат!“

27. Во заклучок, Исус им рече: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата!

28. Затоа, Јас, Синот Човечки, Сум господар и на саботата.“

Прочитајте целосна глава Марко 2