Нов Завет

Лука 9:38-51 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

38. Еден човек извика од толпата: „Учителе! Те молам, погледни го мојот син, тој ми е единец!

39. Го напаѓа зол дух, го тера да вреска, го фрла наваму-натаму и пена му избива на устата. Многу го измачува и долго не го пушта.

40. Ги молев Твоите ученици да го истераат тој дух, но тие не можеа!“

41. Исус одговори: „Ах, колку неверно и грешно поколение сте вие! До кога ќе морам да останам со вас и да ве поднесувам!?“ Потоа му рече на човекот: „Донеси го синот овде!“

42. Додека момчето приоѓаше, демонскиот дух го кутна наземи и почна да го измачува. Исус со наредба го изгони демонскиот дух и го исцели момчето, па му го врати на таткото.

43. Сите останаа вчудовидени пред Божјата моќна сила. И додека народот сe уште се восхитуваше од она што го правеше Исус, Тој им се обрати на Своите ученици и им рече:

44. „Запомнете ги добро овие зборови: Синот Човечки ќе биде предаден во рацете на луѓето.“

45. Но учениците не ги разбраа овие зборови. За нив ова остана таинствено, а не се осмелуваа да Го прашаат Исуса што значат тие зборови.

46. Меѓу учениците на Исус се разви расправија за тоа, кој од нив е најголем?

47. Исус, познавајќи ги нивните мисли, повика едно дете, го стави крај Себе,

48. и им рече: „Тој што го прима ова дете во Мое име - Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме испрати. Најголем меѓу сите вас е оној што е најпонизен!“

49. Тогаш Јован Му рече на Исус: „Господару! Видовме еден човек, кој во Твое име изгонува демонски духови и му наредивме да престане, зашто тој не оди со нас.“

50. Но Исус му одговори: „Немојте да му забранувате! Кој не е против вас, тој е со вас!“

51. Кога наближи времето да биде вознесен на небото, Исус решително тргна кон Ерусалим.

Прочитајте целосна глава Лука 9