Нов Завет

Лука 9:34-45 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

34. Додека го изговараше ова, надојде облак и ги покри. Кога се најдоа во облакот, учениците многу се исплашија,

35. а од облакот се чу глас, кој рече: „Ова е Мојот Син, Избраникот Мој; Него слушајте Го!“

36. Кога се чу гласот, Исус веќе беше останал Сам. Учениците молчеа за ова и во тоа време никому не му кажуваа за тоа што го беа виделе.

37. Утредента додека Исус и тројцата Негови ученици слегуваа од планината ги пресретна многуброен народ.

38. Еден човек извика од толпата: „Учителе! Те молам, погледни го мојот син, тој ми е единец!

39. Го напаѓа зол дух, го тера да вреска, го фрла наваму-натаму и пена му избива на устата. Многу го измачува и долго не го пушта.

40. Ги молев Твоите ученици да го истераат тој дух, но тие не можеа!“

41. Исус одговори: „Ах, колку неверно и грешно поколение сте вие! До кога ќе морам да останам со вас и да ве поднесувам!?“ Потоа му рече на човекот: „Донеси го синот овде!“

42. Додека момчето приоѓаше, демонскиот дух го кутна наземи и почна да го измачува. Исус со наредба го изгони демонскиот дух и го исцели момчето, па му го врати на таткото.

43. Сите останаа вчудовидени пред Божјата моќна сила. И додека народот сe уште се восхитуваше од она што го правеше Исус, Тој им се обрати на Своите ученици и им рече:

44. „Запомнете ги добро овие зборови: Синот Човечки ќе биде предаден во рацете на луѓето.“

45. Но учениците не ги разбраа овие зборови. За нив ова остана таинствено, а не се осмелуваа да Го прашаат Исуса што значат тие зборови.

Прочитајте целосна глава Лука 9