Нов Завет

Лука 9:22-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

22. Им го рече уште и тоа, дека Тој, Синот Човечки, мора многу да страда, отфрлен од старешините, од високото свештенство и од вероучителите; дека ќе биде убиен и дека ќе воскресне на третиот ден.

23. Потоа Исус им се обрати на сите: „Тој што сака да биде Мој следбеник, треба да се откаже од своите себични амбиции, секојдневно да го носи својот крст и да тргне по Моите стапки.

24. Секој што сака да си го чува животот само за себе - ќе го загуби; а тој што ќе го загуби животот заради Мене - ќе го спаси.

25. Дали е добивка за човекот ако го добие и целиот свет, а себеси се изгуби и упропасти?

26. Ако некој се срами од Мене и Моето учење, и Јас, Синот Човечки, ќе се срамам од него кога ќе дојдам во Својата слава и во славата на небесниот Татко и на светите ангели.

27. Ве уверувам дека меѓу вас што стоите овде, има некои што нема да умрат додека не Го видат Божјото царство.“

28. По околу една седмица откако ги изговори овие зборови, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и се искачи на планината, за да се моли.

29. Додека се молеше, лицето Му се преобрази и облеката Му стана блескаво бела.

30. Наеднаш, во Негова придружба се најдоа двајца мажи кои разговараа со Него. Тоа беа Мојсеј и пророкот Илија.

31. Нивниот изглед беше величествен и тие разговараа со Исус за смртта што Го очекуваше во Ерусалим.

32. Петар и неговите другари ги беше совладал сон, но кога се разбудија Го видоа Исуса во величествен изглед, како и двајцата што стоеја со Него.

33. Додека Мојсеј и Илија се разделуваа од Исус, Петар проговори, во отсуство на присебност: „Господару! Колку ни е убаво овде! Ајде да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија!“

34. Додека го изговараше ова, надојде облак и ги покри. Кога се најдоа во облакот, учениците многу се исплашија,

35. а од облакот се чу глас, кој рече: „Ова е Мојот Син, Избраникот Мој; Него слушајте Го!“

Прочитајте целосна глава Лука 9