Нов Завет

Лука 9:10-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

10. По извесно време, апостолите се вратија кај Исус и Му раскажаа за она што го беа направиле. Тогаш Тој ги поведе насамо, на едно тивко место, во околината на градот Бетцаида.

11. Но кога луѓето разбраа каде е, се упатија кон Него. Тој ги прими и им говореше за Божјото царство и ги исцелуваше сите оние на кои им требаше оздравување.

12. При квечерината, кај Исус дојдоа Неговите дванаесетмина ученици и Му рекоа: „Пушти ги луѓето да отидат до околните села и куќи и да си најдат преноќевалиште и храна, зашто местово е пусто.“

13. Но Исус им рече: „Дајте им вие нешто да јадат.“ Тие Му одговорија: „Имаме само пет леба и две риби; освен ако сакаш да појдеме и да купиме храна за сите овие луѓе.“

14. А имаше околу пет илјади мажи. Исус им рече на учениците: „Нека поседнат луѓето во групи од по педесет души.“

15. Така и направија, ги испоседнаа сите луѓе.

16. Исус ги зеде петте леба и двете риби, и со поглед кон небото ги благослови и ги раскрши. Потоа им подаде на учениците да им ги разделат на луѓето.

17. Сите јадеа и се наситија, а собраа и дванаесет кошници остатоци.

18. Еднаш, кога Исус се молеше на тивко место, со Него беа само Неговите ученици. Тогаш Тој ги праша: „За Кого Ме сметаат луѓето?“

19. Тие Му одговорија: „Едни велат дека си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека си еден од старите пророци кој воскреснал од мртвите.“

20. „А за Кого Ме сметате вие?“ Петар одговори: „Ти Си Месијата испратен од Бог!“

21. Тогаш Исус строго им заповеда да не го кажуваат ова никому.

22. Им го рече уште и тоа, дека Тој, Синот Човечки, мора многу да страда, отфрлен од старешините, од високото свештенство и од вероучителите; дека ќе биде убиен и дека ќе воскресне на третиот ден.

23. Потоа Исус им се обрати на сите: „Тој што сака да биде Мој следбеник, треба да се откаже од своите себични амбиции, секојдневно да го носи својот крст и да тргне по Моите стапки.

24. Секој што сака да си го чува животот само за себе - ќе го загуби; а тој што ќе го загуби животот заради Мене - ќе го спаси.

25. Дали е добивка за човекот ако го добие и целиот свет, а себеси се изгуби и упропасти?

Прочитајте целосна глава Лука 9