Нов Завет

Лука 7:31-42 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

31. Исус продолжи: „Со што да ја споредам оваа генерација?

32. Тие се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите: ,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте. Потоа ви запеавме таговни песни, но вие не заплакавте!‘

33. Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој постеше и не пиеше вино, а тие велеа: ,Демони има во него!‘

34. Потоа дојдов Јас, Синот Човечки, кој нормално јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е ненаситник и пијаница, другар на собирачи на данок и на грешници!‘

35. Меѓутоа, Божјата мудрост се потврдува преку животите на оние што ја прифаќаат.“

36. Еден фарисеј Го покани Исуса на вечера во својот дом. Тој дојде во куќата на фарисејот и седна на трпезата.

37. Одеднаш, се појави една жена, позната грешница. Таа беше разбрала дека Исус е на гости кај фарисејот, и дојде носејќи едно шише од алабастер полно со скапоцент мирис.

38. Клекна зад Исус, до Неговите нозе, и плачејќи почна да Му ги мие нозете со своите солзи, да ги брише со својата коса, да ги бакнува и да ги мачка со скапоцениот мирис.

39. Фарисејот, гледајќи го ова, си помисли за Исус: „Да е Овој вистински пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што го допира; би знаел дека е грешница!“

40. А Исус му рече: „Симоне, да те прашам нешто!“ „Кажи, Учителе“ - одговори тој.

41. „Двајца луѓе му должеле пари на некој човек. Едниот му должел петстотини сребреници, а другиот педесет.

42. Бидејќи не можеле да му платат, тој им ги простил долговите на обајцата. Што мислиш, кој од двајцата ќе има поголема љубов кон него?“

Прочитајте целосна глава Лука 7