Нов Завет

Лука 7:20-34 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

20. Доаѓајќи кај Исус, тие Му рекоа: „Јован Крстител нe испрати кај Тебе, за да Те прашаме дали си Ти Месијата што треба да дојде, или друг да очекуваме?“

21. Токму тогаш Исус исцелуваше многу луѓе од нивните болести, заболувања и од демонски духови, а и на голем број слепи им ги отвораше очите.

22. Исус им одговори на Јовановите пратеници: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го гледате и слушате: слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исчистуваат, глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосна вест!

23. Благословени се оние што не се колебаат во однос на Мене!“

24. Штом Јовановите пратеници си заминаа, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Кога одевте кај Јована, во пустината, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот?

25. Што излеговте да видите: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати!

26. Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви велам, видовте и повеќе од пророк!

27. Зашто, Јован е тој за кого Бог во Светото Писмо вели: ,Еве, испраќам Свој гласник, како претходница за Тебе; тој ќе го подготви патот пред Тебе.‘

28. Ви велам дека меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител, но и покрај тоа, и најмалиот во Божјото царство е поголем од него.“

29. Сиот народ што го слушаше - вклучувајќи ги и собирачите на данок - Му се покоруваа на ова Божјо барање и се крштаваа кај Јован Крстител.

30. Само фарисеите и вероучителите го отфрлија Божјиот план, кој беше за нивно добро, и одбија да се крстат кај Јован.

31. Исус продолжи: „Со што да ја споредам оваа генерација?

32. Тие се како деца кои седат по плоштадите и им се жалат на минувачите: ,Прво ви свиревме весело на флејта, но вие не заигравте. Потоа ви запеавме таговни песни, но вие не заплакавте!‘

33. Прво, значи, дојде Јован Крстител, кој постеше и не пиеше вино, а тие велеа: ,Демони има во него!‘

34. Потоа дојдов Јас, Синот Човечки, кој нормално јадам и пијам, а тие велат: ,Овој човек е ненаситник и пијаница, другар на собирачи на данок и на грешници!‘

Прочитајте целосна глава Лука 7