Нов Завет

Лука 6:7-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Вероучителите и фарисеите Го набљудуваа со намера да Го обвинат, доколку изврши исцелување во сабота.

8. А Исус, знаејќи им ги мислите, му се обрати на човекот со парализираната рака: „Стани и застани пред сите!“ Тој стана и застана.

9. Тогаш Исус им рече: „Да ве прашам: што е дозволено да се прави во сабота: добро или лошо? Да се спасуваат животи, или да се уништуваат?“

10. Потоа прошета со погледот од човек до човек и му се обрати на болниот: „Испружи ја раката!“ Тој го стори тоа и раката веднаш му оздраве.

11. А противниците збеснаа и почнаа да се договараат што да Му направат на Исус.

12. Во тоа време Исус отиде на блиската гора да се моли. Цела ноќ Му се молеше на Бог.

13. На разденување ги повика кај Себе сите Свои ученици, одбра дванаесет од нив и ги наименува за Свои апостоли.

14. Тоа се: Симон, кого Тој го нарече Петар, и неговиот брат Андреј; Јаков и Јован; Филип и Бартоломеј;

15. Матеј и Тома; Јаков Алфеев и Симон, наречен ,Патриот‘,

16. Јуда - братот на Јаков и Јуда Искариот, кој подоцна стана предавник.

17. На слегување од гората, Исус и Неговите ученици застанаа на една висорамнина. Присутни беа голем број Негови ученици, и многуброен народ од цела Јудеја, од Ерусалим, па дури и од северните приморски предели околу градовите Тир и Сидон,

18. кои беа дошле да Го слушаат и да бидат исцелени од своите болести. Исус исцелуваше и луѓе кои страдаа од демонски духови.

19. Сиот народ настојуваше да Го допре Исуса, зашто од Него излегуваше сила која ги исцелуваше сите.

20. Со поглед насочен кон Своите ученици, Исус рече: “Благословени сте вие што сте сиромашни, зашто вам ви припаѓа Божјото царство!

21. Благословени сте вие што сте гладни сега, зашто вие ќе се наситите! Благословени сте вие што сега плачете, зашто ќе дојде време кога вие ќе се смеете!

22. Благословени сте кога луѓето ќе ве мразат, ќе ве отфрлат, ќе ве навредуваат и ќе ви извадат лошо име, поради тоа што сте следбеници на Синот Човечки.

Прочитајте целосна глава Лука 6