Нов Завет

Лука 6:20-33 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

20. Со поглед насочен кон Своите ученици, Исус рече: “Благословени сте вие што сте сиромашни, зашто вам ви припаѓа Божјото царство!

21. Благословени сте вие што сте гладни сега, зашто вие ќе се наситите! Благословени сте вие што сега плачете, зашто ќе дојде време кога вие ќе се смеете!

22. Благословени сте кога луѓето ќе ве мразат, ќе ве отфрлат, ќе ве навредуваат и ќе ви извадат лошо име, поради тоа што сте следбеници на Синот Човечки.

23. Радувајте се кога ќе ви се случува тоа и бидете весели, зашто голема награда ве очекува на небото! Нивните предци им го правеа тоа на пророците.

24. Но тешко вам кои сега сте богати - вашата утеха е само на овој свет!

25. Тешко вам кои сега сте сити - вие ќе гладувате! Тешко вам кои сега се смеете - вие ќе тагувате и ќе плачете!

26. Тешко вам кои толпите ве фалат - така и нивните предци ги фалеа лажните пророци!“

27. „Но вам, што Ме слушате, ви велам: покажувајте љубов спрема своите непријатели! Правете им добро на оние што ве мразат!

28. Благословувајте ги оние што ве проколнуваат! Молете се за оние што ве навредуваат.

29. На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот! На оној што сака да ти го земе палтото, дај му ја и кошулата!

30. На оној што бара нешто од тебе - дај му. Од оној што зел нешто твое - не барај да ти го врати!

31. Постапувајте со луѓето онака, како што сакате тие да постапуваат со вас!

32. Зашто, ако ги сакате само оние што вас ве сакаат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците ги сакаат оние што нив ги сакаат!

33. И ако им правите добро само на оние што вам ви прават добро, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците го прават тоа!

Прочитајте целосна глава Лука 6