Нов Завет

Лука 14:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Една сабота, Исус дојде на ручек во куќата на еден фарисеј, член на Големото собрание. Сите присутни Го држеа Исуса на око.

2. Тогаш на Исус Му пристапи еден човек со отоци на рацете и нозете,

3. а Исус им се обрати на учителите на верскиот Закон и на фарисеите, па ги праша: „Дали е во согласност со Законот да се врши исцелување и во сабота, или не?“

4. Тие молчеа. Тогаш Исус го допре болниот и го исцели, испраќајќи го здрав.

5. Потоа им се обрати ним: „Ако ви се случи синот или некое ваше добиче да падне в бунар во сабота, нема ли веднаш да го извадите, иако е сабота?“

6. Но тие и на ова не можеа ништо да Му одговорат.

7. Исус забележа дека некои од гостите ги одбираа почесните места за седење, па им го кажа следниов совет:

8. „Кога некој ќе те покани на свадба, не седнувај веднаш на почесното место, за да не дојде некој поважен од тебе,

9. па домаќинот што ве поканил и тебе и него, да дојде и да ти рече: ,Отстапи му го местото на овој гостин‘, а ти посрамотен да мораш да седнеш на последното место.

10. Туку, кога си поканет, оди и седни си на последното место, па кога домаќинот ќе дојде, да ти каже: ,Пријателе, дојди наваму, на подобро место!‘ Така ќе бидеш почестен пред сите присутни.

11. Зашто секој што самиот се возвишува, ќе биде понижен, а кој ќе се однесува понизно, ќе биде возвишен.“

12. Тогаш Исус му рече на домаќинот: „Кога покануваш луѓе на ручек или на вечера, не поканувај ги пријателите, браќата или роднините, ниту пак богатите соседи, зашто потоа и тие ќе те поканат тебе и со тоа ќе ти возвратат за честа.

13. Туку, на своите гозби поканувај сиромаси, сакати, куци и слепи.

Прочитајте целосна глава Лука 14