поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Една сабота, Исус дојде на ручек во куќата на еден фарисеј, член на Големото собрание. Сите присутни Го држеа Исуса на око.

2. Тогаш на Исус Му пристапи еден човек со отоци на рацете и нозете,

3. а Исус им се обрати на учителите на верскиот Закон и на фарисеите, па ги праша: „Дали е во согласност со Законот да се врши исцелување и во сабота, или не?“

4. Тие молчеа. Тогаш Исус го допре болниот и го исцели, испраќајќи го здрав.

5. Потоа им се обрати ним: „Ако ви се случи синот или некое ваше добиче да падне в бунар во сабота, нема ли веднаш да го извадите, иако е сабота?“

6. Но тие и на ова не можеа ништо да Му одговорат.

7. Исус забележа дека некои од гостите ги одбираа почесните места за седење, па им го кажа следниов совет:

8. „Кога некој ќе те покани на свадба, не седнувај веднаш на почесното место, за да не дојде некој поважен од тебе,

9. па домаќинот што ве поканил и тебе и него, да дојде и да ти рече: ,Отстапи му го местото на овој гостин‘, а ти посрамотен да мораш да седнеш на последното место.

10. Туку, кога си поканет, оди и седни си на последното место, па кога домаќинот ќе дојде, да ти каже: ,Пријателе, дојди наваму, на подобро место!‘ Така ќе бидеш почестен пред сите присутни.

11. Зашто секој што самиот се возвишува, ќе биде понижен, а кој ќе се однесува понизно, ќе биде возвишен.“

12. Тогаш Исус му рече на домаќинот: „Кога покануваш луѓе на ручек или на вечера, не поканувај ги пријателите, браќата или роднините, ниту пак богатите соседи, зашто потоа и тие ќе те поканат тебе и со тоа ќе ти возвратат за честа.

13. Туку, на своите гозби поканувај сиромаси, сакати, куци и слепи.

14. Така ќе бидеш благословен, зашто тие не се во состојба да ти возвратат. Но ќе ти биде возвратено на денот кога праведниците ќе воскреснат.“

15. Кога го чу ова еден од оние што седеа на трпезата, Му рече на Исуса: ,Блазе на оние што ќе седат на трпеза во Божјото царство!‘

16. А Исус му одговори со следнава споредба: “Си беше еднаш еден човек, кој приготви голема вечера и им упати покани на голем број гости.

17. Кога дојде времето за вечерата, тој го испрати својот слуга да ги повика гостите, велејќи им: ,Дојдете, сe е подготвено!‘

18. Но сите тие, еден по друг, почнаа да се изговараат. Првиот му рече: ,Купив нива и морам да одам да ја видам; прости, но не можам да дојдам.‘

19. Вториот му рече: ,Купив пет ѕевгари волови и морам да одам да ги испробам; прости, но не можам да дојдам.‘

20. Третиот му рече: ,Штотуку се оженив и не ќе можам да дојдам.‘

21. Слугата се врати дома и му раскажа сe на својот господар. Домаќинот многу се налути и му рече на својот слуга: ,Оди бргу по раскрсниците и по градските улици и доведи ги сиромасите, куците, слепите и сакатите!‘

22. Набргу, слугата го извести: „Господару, направено е сe како што заповеда, но има уште слободни места!‘

23. Тогаш господарот му рече на слугата: ,Излези по патиштата и меѓу оградите и поттикни ги луѓето да дојдат, за да ми се наполни куќата!

24. Ве уверувам, дека, ни еден од оние што беа поканети на почетокот, нема да вкуси од мојата вечера!‘“

25. По Исус врвеше голема толпа луѓе и Тој им се обрати со зборовите:

26. „Никој не може да дојде кај Мене и да стане Мој ученик, ако не Ме сака повеќе од татка си, мајка си, жената, децата, браќата и сестрите, па и од својот сопствен живот!

27. Кој не го носи својот крст и не оди по Моите стапки - не може да биде Мој ученик.

28. Кога некој од вас сака да изгради кула, не седнува ли прво да пресмета дали ќе има доволно пари да ја заврши градбата?

29. Во спротивно, може да започне со темелите и да заклучи дека не може да продолжи, па сите што ќе видат ќе му се подбиваат, велејќи:

30. ,Овој човек почнал да ѕида нешто што не може да го доврши!‘

31. Кога некој цар се готви за војна против друг цар, не седнува ли најпрво да се преиспита, дали со своите десет илјади војници ќе може да му се противстави на оној што го напаѓа со дваесет илјади војници?

32. Ако заклучи дека не може, тој ќе испрати гласници уште додека другиот цар е далеку, и ќе моли за примирје.

33. Значи, никој не може да стане Мој ученик додека не Ме стави Мене пред сe друго што има.“

34. „Солта е добра, но ако таа стане блутава, со што ќе се осоли?

35. Таква не би била добра ни за почвата, ни за ѓубривата, па се исфрла надвор. Ако имате уши, слушајте внимателно!“