Нов Завет

Лука 11:14-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

14. Еднаш Исус истера демонски дух од еден нем човек и кога демонскиот дух излезе, човекот проговори. Народот беше восхитен,

15. но некои луѓе зборуваа: „Тој ги изгонува демоните бидејќи Баалзибул - поглаварот на демонските духови е во Него!“

16. Други, пак, со цел да Го доведат во незгода, Му бараа знак од небото,

17. но Тој, знаејќи ги нивните мисли, им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има раздор. Семејството се распаѓа ако во него има неслога.

18. Ако Сатаната е противник самиот на себе - бидејќи вие тврдите дека Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул - како може неговото царство да се одржува?

19. Ако Јас изгонувам демонски духови со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош ги изгонуваат оние што го прават тоа од вашиот сопствен род? Затоа тие ќе ви судат!

20. Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјата сила, тогаш тоа е доказ дека Божјото царство е дојдено кај вас!

21. Кога силниот, целосно вооружен, го чува својот дом, имотот му е безбеден.

22. Но, кога некој посилен од него ќе го нападне и совлада, тој му го одзема оружјето во кое се надевал и му го зема пленот.

23. Кој не е со Мене - тој е против Мене! Кој со Мене не собира - тој растура!“

24. „Кога еден зол дух ќе излезе од човекот, тој скита по запустени места во потрага по спокојство, кое не го наоѓа. Тогаш ќе си рече: ,Да се вратам јас во моето претходно живеалиште!‘

25. При враќањето забележува дека неговиот поранешен дом е исчистен и уреден,

26. па оди и доведува уште седум духови, полоши од себе, со кои се враќа и се населува таму, така што состојбата на човекот сега му е уште полоша од претходната!“

27. Додека Исус го кажуваше ова, од народот се огласи една жена, и рече: „Благословена е жената што Те родила и одгледала!“

Прочитајте целосна глава Лука 11