поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Нов Завет

Лука 11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Еднаш, Исус се молеше на едно место, па кога заврши, еден од Неговите ученици Му рече: „Господе, научи нe и нас како да се молиме, како што Јован Крстител ги научи своите ученици.“

2. Исус им рече: „Кога се молите, молете се вака: Небесен Татко: нека се почитува Твоето свето име, нека дојде Твоето Царство.

3. Давај ни ја секојдневно храната што ни е потребна.

4. Простувај ни ги гревовите, како што и ние им ги простуваме на нашите должници. Не оставај да им потклекнеме на искушенијата.“

5. Потоа Исус продолжи: „Замислете си дека некој од вас оди на полноќ кај својот пријател и му вели: ,Пријателе, позајми ми три парчиња леб,

6. зашто од пат ми дојде еден пријател, а јас немам што да му принесам за јадење.‘

7. Замислете вашиот пријател однатре да ви довикне: ,Не додевај! Вратата ми е веќе заклучена, а и јас и децата сме веќе в постела. Не можам да станам и да ти дадам!‘

8. Ве уверувам, дека, ако не стане да ви даде затоа што ви е пријател, ќе стане и ќе ви даде сe што ви треба, за да си го зачува достоинството!

9. Затоа, ви велам: молете и ќе добиете, барајте и ќе најдете, тропајте и ќе ви биде отворено.

10. На секој што моли - ќе му се даде, секој што бара - ќе најде, на секој што тропа - ќе му биде отворено.

11. Дали некој од вас, татковци, би му дал камен на синот, ако тој ве моли за леб!? Дали би му дале змија, ако тој ве моли за риба!?

12. Дали би му дале скорпија, ако тој ви побара јајце!?

13. Кога вие, кои сте лоши, знаете да им давате добри дарови на вашите деца, колку повеќе вашиот небесен Татко ќе им Го даде Светиот Дух на оние што Го молат!?“

14. Еднаш Исус истера демонски дух од еден нем човек и кога демонскиот дух излезе, човекот проговори. Народот беше восхитен,

15. но некои луѓе зборуваа: „Тој ги изгонува демоните бидејќи Баалзибул - поглаварот на демонските духови е во Него!“

16. Други, пак, со цел да Го доведат во незгода, Му бараа знак од небото,

17. но Тој, знаејќи ги нивните мисли, им рече: „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има раздор. Семејството се распаѓа ако во него има неслога.

18. Ако Сатаната е противник самиот на себе - бидејќи вие тврдите дека Јас изгонувам демони со помош на Баалзибул - како може неговото царство да се одржува?

19. Ако Јас изгонувам демонски духови со помош на Баалзибул, тогаш, кажете ми, со чија помош ги изгонуваат оние што го прават тоа од вашиот сопствен род? Затоа тие ќе ви судат!

20. Ако, пак, Јас изгонувам демони со помош на Божјата сила, тогаш тоа е доказ дека Божјото царство е дојдено кај вас!

21. Кога силниот, целосно вооружен, го чува својот дом, имотот му е безбеден.

22. Но, кога некој посилен од него ќе го нападне и совлада, тој му го одзема оружјето во кое се надевал и му го зема пленот.

23. Кој не е со Мене - тој е против Мене! Кој со Мене не собира - тој растура!“

24. „Кога еден зол дух ќе излезе од човекот, тој скита по запустени места во потрага по спокојство, кое не го наоѓа. Тогаш ќе си рече: ,Да се вратам јас во моето претходно живеалиште!‘

25. При враќањето забележува дека неговиот поранешен дом е исчистен и уреден,

26. па оди и доведува уште седум духови, полоши од себе, со кои се враќа и се населува таму, така што состојбата на човекот сега му е уште полоша од претходната!“

27. Додека Исус го кажуваше ова, од народот се огласи една жена, и рече: „Благословена е жената што Те родила и одгледала!“

28. Тој и одговори: „Уште поблагословени се оние што ја слушаат Божјата порака и ја спроведуваат во дело!“

29. Сe повеќе народ се собираше, и Исус почна да говори: „Оваа генерација е расипана генерација! Тие бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона:

30. како што Јона им беше знак на Ниневијците, така и Јас, Синот Човечки, ќе и бидам знак на оваа генерација.

31. Ќе стане и кралицата од Шеба на Судниот ден и ќе ја осуди оваа генерација, зашто таа дојде од далечна земја, за да ја чуе мудроста на Соломон, а еве, пред вас стои Оној што е многу поголем од Соломон!

32. На Судниот ден, жителите на градот Нинева ќе станат и ќе ја осудат оваа генерација, зашто во тоа време тие се покајаа преку проповедањето на Јона. Ве уверувам дека пред вас стои Некој што е многу поголем од Јона, а вие одбивате да се покаете!“

33. „Никој не пали свеќа за да ја скрие или стави под капак, туку ја става на свеќник, за да им свети на луѓето кои влегуваат.

34. Вашите очи се светилка за телото. Здравото и бистро око ја пропушта светлината во целото тело и тоа ќе ви биде осветлено. Лошото око не ја пропушта светлината и целото тело ќе ви потоне во мрак.

35. Затоа, внимавајте светлината што е во вас да не стане темнина!

36. Ако си целосно исполнет со светлина, без ниеден темен дел, тогаш и насекаде околу тебе ќе зрачи светлина, како кога светилка те осветлува со своите зраци.“

37. Кога Исус го заврши Своето излагање, еден фарисеј го покани на ручек кај него. Исус отиде и седна на трпезата.

38. Фарисејот се изненади кога забележа дека Исус не го изврши еврејскиот ритуал на миење пред да седне да јаде,

39. а Господ му рече: „Да, вие фарисеите ги миете однадвор чашите и садовите, а однатре сте полни со лакомство и лошотија!

40. Безумници! Зар Оној што ја создал надворешноста не ја создал и внатрешноста?

41. Разделете им го на сиромашните тоа што е внатре, па сe ќе ви биде чисто!

42. Тешко вам, фарисеи, кои давате десеток дури и од нане, од седеф и од секакви билки, а ги запоставувате правдата и љубовта спрема Бог! Треба во прв ред да го правите тоа што го запоставивте, а дури потоа и останатото.

43. Тешко вам, фарисеи, кои сакате да седите на почесни места по синагогите и да ви искажуваат почит по плоштадите!

44. Тешко вам, бидејќи сте како необележани гробишта по кои луѓето врват, без да знаат по што одат!“

45. Тогаш еден од учителите на верскиот Закон Му рече: „Учителе, со Твоите зборови нe навредуваш и нас!“

46. А Исус му одговори: „Тешко и вам, учители на верскиот Закон, зашто на луѓето им натоварувате тешки товари, кои одвај можат да се носат, а вие ни со прст не помагате!

47. Тешко вам, зашто вие им подигате гробници на пророците, а тие беа убивани од вашите татковци!

48. Така и самите ги потврдувате и ги одобрувате постапките на вашите татковци: тие ги убија, а вие им подигате гробници!

49. Затоа Бог во Својата мудрост рече: ,Ќе им испратам пророци и апостоли; а тие, некои од нив ќе ги убијат, а некои ќе ги прогонуваат‘,

50. но од оваа генерација ќе биде побарана одговорноста за сета пролеана крв на Божјите пророци од почетокот на светот:

51. од крвта на Авел, па сe до крвта на Захарија, кој беше убиен меѓу жртвеникот и Светилиштето! Да, Јас ви кажувам дека оваа генерација ќе биде казнета за сите нив!

52. Тешко вам, учители на верскиот Закон, зашто вие го зедовте клучот што ја отвора вратата на знаењето, но вие не влегувате, а оние што би сакале да влезат - ги спречувате!“

53. Додека Исус си заминуваше оттаму, вероучителите и фарисеите започнаа жестоко да Го критикуваат и да Му поставуваат секакви нападни прашања,

54. во обид да Го фатат на некој збор и да Го обвинат.