Нов Завет

Лука 1:1-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Драги Теофиле, Мнозина почнаа да пишуваат за настаните што се случија кај нас.

2. Пишуваат за она што ни го пренесоа Христовите ученици, кои од самиот почеток беа очевидци и проповедници на она што Бог го направи преку Своето Слово.

3. И јас решив да ти напишам еден извештај, почитуван Теофиле, точно според редоследот на случките, откако претходно темелно ги проучив сите нив, од самиот нивни почеток,

4. за да се увериш во сигурната основа на учењето што си го примил.

5. Во времето кога Ирод царуваше над покраината Јудеја, живееше еден свештеник по име Захарија, по потекло од свештеничкиот ред на Авијах. Неговата жена се викаше Елисавета и беше потомка на свештеникот Арон.

6. Обајцата беа праведни пред Бога и целосно ги почитуваа сите Господови заповеди и правила.

7. Тие немаа деца, зашто Елисавета беше неротка, а веќе беа и во поодминати години.

8. Еден ден, кога му беше редот на Захарија да ја извршува свештеничката служба во Божјиот храм,

9. тој беше избран со жрепка - според вообичаената практика меѓу свештениците - да влезе во храмот и да изврши кадење на жртвеникот.

10. За време на кадењето, народот беше надвор и се молеше.

11. Наеднаш, пред Захарија се појави ангел Господов и застана од десната страна на олтарот за кадење.

12. Кога Захарија го забележа, се стаписа и страв го обзеде.

13. Но, ангелот му рече: „Не плаши се, Захарија! Молитвата ти е услишена! Твојата жена Елисавета ќе ти роди син и ќе му дадеш име Јован.

14. Ќе се радуваш и ќе се веселиш, а и многу други ќе му се радуваат на неговото раѓање.

15. Тој ќе биде голем во очите на Господ и нема да пие ни вино ни жесток пијалак, туку ќе се исполни со Светиот Дух уште во утробата на мајка си.

16. Ќе поттикне многу Израелци да Му се вратат на нивниот Господ Бог.

17. Тој ќе Му биде претходник на Господ Исус со духот и со силата на пророкот Илија, за повторно да ги зближи татковците со децата, да ги врати непослушните кон мудроста на праведните и да ги подготви за Господ оние што Му се наклонети.“

18. Тогаш Захарија го праша ангелот: „По што ќе знам дека ова навистина ќе се случи? Јас сум веќе стар, а и жената ми е во поодминати години.“

19. Ангелот му одговори: „Јас сум Гаврил и престојувам пред самиот Бог; Тој ме испрати да зборувам со тебе и да ти ја донесам оваа Радосна вест.

Прочитајте целосна глава Лука 1