Нов Завет

Јован 14:17-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

17. Тоа е Духот Кој ќе ви ја открива вистината. Световните луѓе не се во состојба да Го примат Него, затоа што не Го гледаат, ниту Го познаваат. Вие Го познавате Светиот Дух, зашто Тој е со вас и ќе продолжи да живее во вас.

18. Нема да ве оставам сираци - Јас ќе се вратам кај вас!

19. Уште малку и светот повеќе нема да Ме гледа, но вие ќе Ме гледате; и бидејќи Јас живеам - ќе живеете и вие.

20. Кога ќе дојде тој ден, ќе сфатите дека Јас сум едно со Мојот Татко, вие сте едно со Мене и Јас сум едно со вас.

21. Тој што ги прифаќа Моите заповеди и ги исполнува - покажува дека Ме сака. А секој што Ме сака, ќе биде сакан и од Мојот Татко и од Мене и Јас ќе му се објавам.“

22. „Господе“, - Му рече Јуда (не Јуда Искариот, туку другиот) - „Како можеш да ни се објавиш нам, а не и на светот?“

23. Исус му одговори: „Ако некој Ме сака, ќе му се покорува на Моето учење. Тогаш Мојот Татко ќе го засака и Ние ќе дојдеме кај тој човек и во него ќе живееме.

24. А тој што не Ме сака, нема да му се покорува на Моето учење. Зборовите што ги слушате не се Мои, туку на Оној што Ме испрати, а тоа е небесниот Татко.

25. Ова ви го кажав уште додека сум кај вас.

26. Но небесниот Татко, наместо Мене, ќе ви Го испрати Светиот Дух да ви биде Помошник. Тој ќе ве научи на се и ќе ве потсети на се што Јас ви кажував.

27. Ви давам мир - Мојот сопствен мир ви го давам. Мирот што Јас ви го давам не е како мирот што го дава светот. Затоа, не вознемирувајте се и не плашете се!

28. Слушнавте кога ви реков: ,Заминувам, но пак ќе се вратам кај вас‘. Ако навистина Ме сакате, ќе се радувате што заминувам кај Таткото, бидејќи Таткото е поголем од Мене.

Прочитајте целосна глава Јован 14