Нов Завет

Галатјаните 5:6-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

6. За тој што верува во Исус Христос нема никакво значење дали е обрежан или не. Важно е да имате делотворна вера и таа да се искажува преку љубов.

7. Добро напредувавте. Кој ве спречи да продолжите да ја следите вистината?

8. Тоа сигурно не е Бог, зашто Тој ве избра.

9. Малку квасец треба за да скисне целото тесто!

10. Јас сепак верувам дека Господ ќе ве одржи за да не отстапите од вистината, а оние што ве збунуваат, кои и да се, ќе си ја добијат заслужената казна.

11. Што се однесува до обвинувањата против мене, драги пријатели христијани, дека јас се уште проповедам оти обрежувањето е неопходно, зошто тогаш Евреите ме прогонуваат? Да е така, она што јас го проповедам за Христовиот крст не би претставувало камен на сопнување за нив.

12. Би сакал оние што ве збунуваат терајќи ве да се обрежете, да не застанат на обрежувањето, туку самите себе и да се кастрираат!

13. Што се однесува до вас, драги пријатели христијани, вие сте избрани да живеете во слобода. Немојте, меѓутоа, таа слобода да ви биде изговор за да дозволите телесното да завладее со вас. Напротив, со љубов служете си еден на друг.

14. Зашто, целиот Закон може да се сведе само на една заповед: „Сакај го својот ближен како што се сакаш себеси.“

15. Но, ако наместо да се сакате, се гризете и се растргнувате како диви ѕверови, внимавајте сосема да не се уништите!

16. Сакам да ви го кажам следново: дозволете Светиот Дух да ве раководи и нема да им подлегнувате на грешните телесни похоти.

Прочитајте целосна глава Галатјаните 5