Нов Завет

Евреите 6:8-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

8. Но ако раѓа само трње и боцки, таа е бескорисна и Бог наскоро ќе ја проколне и ќе ја запали!

9. Но, иако зборуваме вака, драги мои, ние сепак веруваме дека ова не се однесува на вас. Уверени сме дека вас ве очекува нешто многу подобро, нешто што доаѓа со спасението.

10. Бог не е несправедлив и нема да заборави колку напорно работевте за Него, колку љубов покажавте спрема Него, помагајќи им на другите христијани и порано, а и сега.

11. Нашата искрена желба е секој од вас да истрае докрај во својата ревност. Така ќе можете да бидете сигурни дека вашата надеж навистина и ќе се исполни.

12. Само така нема да станете духовно мрзливи, туку ќе го следите примерот на оние што имаат вера и трпение преку кои го наследуваат она што Бог им го вети.

13. Така, на пример, кога Бог му го даде Своето ветување на Авраам, Тој се заколна дека ќе го исполни тоа што го ветува, и бидејќи нема ништо поголемо од Бога, Тој се заколна во Самиот Себе,

14. и му рече: „Јас, Господ, ти ветувам дека изобилно ќе те благословам и ќе ти дадам многубројни потомци!“

15. Авраам беше стрплив и го доби она што Бог му го вети.

16. Кога луѓето имаат меѓусебни расправии, тие се заколнуваат во нешто поголемо од себе.

17. Така и Бог, сакајќи да не увери дека целосно ќе се исполнат Неговите ветувања спрема оние на кои тие им се наменети, кон Своето ветување додаде и заклетва.

18. Бог не може да лаже! Овие две работи - Неговото ветување и заклетвата - се непроменливи и затоа, за нас што сме нашле прибежиште кај Него, тоа претставува големо охрабрување, бидејќи ние со доверба очекуваме да го добиеме тоа на што се надеваме.

19. Таа надеж е цврста котва за нашите души и не води преку завесата во Божјото најсвето место,

20. таму, каде што веќе влезе Исус заради нас и стана наш вечен Првосвештеник од редот на Мелхиседек.

Прочитајте целосна глава Евреите 6