Нов Завет

Евреите 10:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Мојсеевиот Закон беше само сенка на она што доаѓа, а не суштина на сите добри нешта што Христос ги направи за нас. Со години Му ги принесуваа на Бог жртвите пропишани со Мојсеевиот Закон, но тие што ги принесуваа не можеа да се исчистат.

2. Ако тие што Му служеа на Бог успееја еднаш засекогаш да се исчистат од гревот, и нивната совест повеќе немаше да ги обвинува, и тогаш принесувањето жртви би престанало.

3. Напротив, тоа што секоја година принесуваа жртви само ги потсетуваше на нивните гревови.

4. Тоа е поради тоа што крвта од бикови и јарци не може да ги исчисти гревовите.

5. Затоа, кога Христос дојде на овој свет, Му рече на Бог: „Ти не посака животински жртви ни приноси од жито, туку Ми даде тело, за да ти се покорувам.

6. Не, Ти не се задоволуваш со жртви паленици и со приноси за грев!

7. Тогаш реков: ,Еве Ме Боже, доаѓам да ја извршам Твојата волја, како што е претскажано за Мене во Светото Писмо.‘“

8. Значи, Христос прво рече: „Ти, Боже, не посака и не ти беа угодни ни животински жртви ни приноси од жито, ни животни спалени на жртвеник, ни жртви за искупување од грев“, иако според Мојсеевиот Закон тие беа неопходни.

9. Потоа додаде: „Еве, доаѓам да ја извршам Твојата волја.“ Со тоа Христос го укинува првиот Завет, за да воспостави нов.

10. Поради таквата цврста решителност од страна на Христос - Тој да се жртвува за нас еднаш засекогаш - ние сега сме исчистени од гревот.

11. Секој друг свештеник секојдневно врши богослужба и одново принесува жртви што никогаш не можат да исчистат од гревови.

12. А Христос принесе само една жртва, која има вечна вредност, и потоа седна на почесно место, од десната страна на Бог.

13. Таму ќе остане се додека Неговите непријатели не бидат покорени под Неговите стапала.

14. Значи, Тој само со една жртва, вечно ги усоврши оние што ги посвети.

Прочитајте целосна глава Евреите 10