Нов Завет

Ефесјаните 5:15-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

15. Внимавајте како живеете! Нека биде тоа мудро, а не неразумно.

16. Ова се тешки времиња, затоа користете го секој миг.

17. Немојте да се однесувате глупаво, туку трудете се да сфатите како Господ сака да се однесувате.

18. Не опивајте се со вино! Тоа може само да ве уништи. Дозволете Му на Светиот Дух да ве исполни и да ве води!

19. Разговарајте еден со друг, читајте псалми, пејте химни и духовни песни! Вашите срца нека пеат за Господ!

20. Постојано и за се заблагодарувајте Му се на Бог, небесниот Татко во името на нашиот Господ Исус Христос.

21. Слушајте се еден со друг од почит спрема Христос.

22. Жените треба да ги слушаат своите сопрузи, онака како што Го слушаат Господ,

23. зашто мажот е глава на својата сопруга, онака како што Христос е глава на Црквата. Тој е Спасител на Црквата, која е Негово тело,

24. па, како што Црквата Му е послушна на Христос, така треба и жените во се да им се послушни на своите сопрузи.

25. Истото важи и за вас мажите. Секој маж нека си ја сака својата сопруга онака како што Христос ја сака Црквата и животот си го даде за неа,

26. за да ја направи света, исчистувајќи ја преку водното крштавање и преку Божјото Слово,

27. да ја доведе пред Себе славна, без дамка, без брчка, без ништо слично, па да биде света и без мана.

28. Така треба и мажот да ја сака својата сопруга. Да ја сака онака како што си го сака сопственото тело. Кога човек си ја сака сопругата, покажува дека се сака самиот себе.

29. Никој не го мрази сопственото тело, туку го храни и се грижи за него. Тоа го прави и Христос за Црквата.

30. А ние сме органи во Неговото тело - Црквата.

31. Светото Писмо вели: „Заради тоа човек ќе ги напушти својот татко и својата мајка и ќе се здружи со својата жена, па тие двајца ќе станат едно тело.“

Прочитајте целосна глава Ефесјаните 5