поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6

Нов Завет

Ефесјаните 5 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Следете го Божјиот пример, бидејќи вие сте Негови омилени деца.

2. Вашите постапки нека бидат водени од љубовта, токму онака како што Христос, воден од љубов, го принесе Својот живот како жртва што Му е пријатна на Бог и има сладок мирис.

3. Вие сте свети Божји луѓе и меѓу вас не смее да има блуд, гнасотии и алчност.

4. Не смее да има безобразни, глупави разговори и двосмислени шеги. Сето тоа не ви прилега. Наместо тоа, искажувајте ја вашата благодарност спрема Бог.

5. Можете да бидете сигурни дека ниту еден блуден, гнасен или алчен човек нема да биде во Царството на Христос и на Бог. И алчноста е еден вид идолопоклонство!

6. Не дозволувајте никој да ве мами, наоѓајќи оправдување за ваквите гревови! За вакви работи Бог ги казнува сите непослушни луѓе!

7. Со такви луѓе немојте да си имате работа.

8. Вие порано бевте во мрак, но сега, откако поверувавте во Господ, ве огреа светлина. Затоа однесувајте се како деца на светлината.

9. Таа светлина во вас ќе роди секаков вид добрина, праведност и вистина.

10. Трудете се да откриете што Му е мило на Бог и тоа правете го.

11. Не учествувајте во бесполезни работи, кои се дела на темнината. Напротив, разоткривајте ги!

12. За она што тајно го прават некои луѓе срамота е дури и да се зборува!

13. Но светлината ќе ги разоткрие и се ќе излезе на виделина,

14. Зашто се што е изложено на светлина, станува јавно. Затоа се вели: „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите и Христовата светлина ќе те огрее.“

15. Внимавајте како живеете! Нека биде тоа мудро, а не неразумно.

16. Ова се тешки времиња, затоа користете го секој миг.

17. Немојте да се однесувате глупаво, туку трудете се да сфатите како Господ сака да се однесувате.

18. Не опивајте се со вино! Тоа може само да ве уништи. Дозволете Му на Светиот Дух да ве исполни и да ве води!

19. Разговарајте еден со друг, читајте псалми, пејте химни и духовни песни! Вашите срца нека пеат за Господ!

20. Постојано и за се заблагодарувајте Му се на Бог, небесниот Татко во името на нашиот Господ Исус Христос.

21. Слушајте се еден со друг од почит спрема Христос.

22. Жените треба да ги слушаат своите сопрузи, онака како што Го слушаат Господ,

23. зашто мажот е глава на својата сопруга, онака како што Христос е глава на Црквата. Тој е Спасител на Црквата, која е Негово тело,

24. па, како што Црквата Му е послушна на Христос, така треба и жените во се да им се послушни на своите сопрузи.

25. Истото важи и за вас мажите. Секој маж нека си ја сака својата сопруга онака како што Христос ја сака Црквата и животот си го даде за неа,

26. за да ја направи света, исчистувајќи ја преку водното крштавање и преку Божјото Слово,

27. да ја доведе пред Себе славна, без дамка, без брчка, без ништо слично, па да биде света и без мана.

28. Така треба и мажот да ја сака својата сопруга. Да ја сака онака како што си го сака сопственото тело. Кога човек си ја сака сопругата, покажува дека се сака самиот себе.

29. Никој не го мрази сопственото тело, туку го храни и се грижи за него. Тоа го прави и Христос за Црквата.

30. А ние сме органи во Неговото тело - Црквата.

31. Светото Писмо вели: „Заради тоа човек ќе ги напушти својот татко и својата мајка и ќе се здружи со својата жена, па тие двајца ќе станат едно тело.“

32. Тоа е голема мистерија, но ова што го зборувам се однесува на Христос и на Црквата.

33. Затоа, ќе ви повторам уште еднаш: секој маж нека си ја сака сопругата, онака како што се сака себеси, а жената нека го почитува својот сопруг.