Нов Завет

Ефесјаните 3:8-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

8. Спрема мене, најмалку достојниот од сите Божји избраници, Бог беше благонаклонет и ме одбра да им ја проповедам Радосната вест на нееврејските народи, веста дека им стојат на располагање неисцрпни богатства, се по заслуга на Христос.

9. Бог, Создателот на се што постои, ме одбра да им го објаснувам на сите луѓе Божјиот план, што со векови беше скриен во Неговиот ум.

10. Целта беше преку формирањето на Црквата да им се покаже на сите владетели и власти во небесните простори дека Бог има многустрана мудрост.

11. Сето тоа беше во согласност со Божјиот вечен план, што се оствари преку нашиот Господ Исус Христос.

12. Во заедништво со Христос и преку вера во Него ние можеме смело и со целосна доверба да Му пристапуваме на Бог.

13. Затоа ве молам да не се обесхрабрувате поради страдањата низ кои сега јас минувам. Тие ќе бидат за ваша полза, за ваша слава.

14. Кога само ќе помислам на Божјата мудрост и на Неговиот план, на колена паѓам пред небесниот Татко,

15. Создателот на секој род, и на небото и на Земјата.

16. Го молам Бога, од Својата огромна слава, преку Неговиот дух, да ви даде внатрешна сила, за да бидете непоколебливи.

17. Христос, преку вера, да се всели во вашите срца. Да пуштите корени и цврсто да се закрепите во Божјата љубов,

18. за да бидете способни, заедно со сите побожни луѓе, да сфатите колку широка и долга, колку висока и длабока е Неговата љубов.

19. Да ја искусите таа несфатливо голема љубов и така целосно да се исполните со сета полнота што доаѓа од Бог.

Прочитајте целосна глава Ефесјаните 3