Нов Завет

Дела Ап. 26:7-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. А сите дванаесет еврејски племиња ревносно Му се поклонуваат на Бог ден и ноќ, очекувајќи го исполнувањето на истата вера! Заради таа моја вера, царе, јас денеска сум обвинет од Евреите.

8. Зошто вам ви се чини неверојатно дека Бог ќе ги воскресне мртвите!?

9. Порано и јас верував дека треба со сите свои сили да им се противставам на следбениците на Исус од Назарет.

10. Така и правев. Имав добиено овластување од Првосвештениците, па многу христијани од Ерусалим одведов в затвор. Кога им се судеше и кога беа осудувани на смрт и јас гласав против нив.

11. Ги казнував по сите синагоги и со примена на сила се обидував да ги натерам да Го навредуваат Христос. Толку строг бев против нив, што ги прогонував дури и во далечни градови, надвор од нашата земја!

12. При еден таков потфат тргнав за Дамаск со овластување и задача од Првосвештениците.

13. Додека патував, Ваше Величество, сред бел ден видов светлина посилна од сончевата што блесна во мене и во моите придружници.

14. Сите паднавме наземи! Тогаш јас слушнав глас, кој на еврејски јазик ми рече: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!? Лошо ќе поминеш ако клоцаш против остен!‘

15. ,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав, а Господ ми одговори: ,Јас сум Исус, Оној што Го прогонуваш!

16. Стани, исправи се на нозе! Јас ти се појавив за да те назначам за Свој служител и сведок: да им го кажуваш на луѓето ова што го виде и она што допрва ќе ти го откријам.

17. А јас ќе те заштитувам од твојот народ и од другите народи кај кои те испраќам

18. за да им ги отвориш очите, па да се обратат од темнина кон светлина, од власта на Сатаната кон Бог. Така ќе добијат простување за своите гревови и наследство заедно со сите други што станаа Божји народ, одбрани преку вера во Мене.‘

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 26