Нов Завет

Дела Ап. 22:2-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

2. Кога слушнаа дека им се обраќа на нивниот, арамејски јазик, уште повеќе стивнаа, а Павле продолжи:

3. „Јас сум Евреин. Роден сум во Тарс, град во покраината Киликија, но пораснав и се школував овде, во Ерусалим. Учител ми беше познатиот Гамалиел. Крај неговите нозе научив строго да се придржувам кон правилата и обичаите на нашите предци. Станав ревносен за Бог, исто како што сте и вие денес.

4. Ги прогонував христијаните до смрт. Ги врзував и ги носев в затвор, без разлика дали беа мажи или жени.

5. Ова можат да го потврдат Првосвештеникот и сите старешини. Од нив добив писма за нашите браќа Евреи во Дамаск, со кои ме овластија да одам во Дамаск и да ги апсам тамошните христијани, а потоа, оковани во пранги да ги доведам во Ерусалим за да бидат казнети.

6. Додека се приближував до Дамаск, некаде околу пладне, околу мене ненадејно блесна силна светлина од небото.

7. Паднав наземи ничкум и чув глас како ми се обраќа: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!?‘

8. ,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав јас. ,Јас сум Исус од Назарет - Оној што Го прогонуваш!‘

9. И оние што беа со мене ја виделе светлината, но гласот што ми проговори не го чуле.

10. Тогаш реков: ,Кажи ми што да правам, Господе?‘ ,Стани, оди во Дамаск и таму ќе ти биде кажано се што треба да правиш!‘ - ми одговори Господ.

11. Потоа оние што беа со мене ме водеа до Дамаск, зашто јас бев заслепен од силната светлина и воопшто не можев да гледам.

12. Во Дамаск имаше еден човек по име Ананија. Тој беше побожен човек што се придржуваше до Божјиот Закон и уживаше голем углед кај сите Евреи од тој крај.

13. Тој дојде кај мене, ми пристапи и ми рече: ,Брате Савле, нека ти се врати видот!‘ Истиот миг видот ми се врати и можев да го видам Ананија.

14. Потоа тој ми рече: ,Богот на нашите прадедовци те одбра да се запознаеш со Неговата намера, да го видиш Праведникот и да го слушнеш повикот од Неговата уста.

15. Отсега ти ќе им проповедаш за Него на сите луѓе, ќе им кажуваш за она што си го видел и слушнал.

16. Што чекаш сега? Стани, крсти се и повикај Го Господ да ти ги измие гревовите!‘

17. Кога се вратив во Ерусалим, еден ден отидов во храмот за да се молам.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 22