поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Дела Ап. 22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. „Браќа и татковци! Ислушајте ја мојата одбрана што сега ќе ја изнесам пред вас.“

2. Кога слушнаа дека им се обраќа на нивниот, арамејски јазик, уште повеќе стивнаа, а Павле продолжи:

3. „Јас сум Евреин. Роден сум во Тарс, град во покраината Киликија, но пораснав и се школував овде, во Ерусалим. Учител ми беше познатиот Гамалиел. Крај неговите нозе научив строго да се придржувам кон правилата и обичаите на нашите предци. Станав ревносен за Бог, исто како што сте и вие денес.

4. Ги прогонував христијаните до смрт. Ги врзував и ги носев в затвор, без разлика дали беа мажи или жени.

5. Ова можат да го потврдат Првосвештеникот и сите старешини. Од нив добив писма за нашите браќа Евреи во Дамаск, со кои ме овластија да одам во Дамаск и да ги апсам тамошните христијани, а потоа, оковани во пранги да ги доведам во Ерусалим за да бидат казнети.

6. Додека се приближував до Дамаск, некаде околу пладне, околу мене ненадејно блесна силна светлина од небото.

7. Паднав наземи ничкум и чув глас како ми се обраќа: ,Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш!?‘

8. ,Кој сте Вие, Господине?‘ - прашав јас. ,Јас сум Исус од Назарет - Оној што Го прогонуваш!‘

9. И оние што беа со мене ја виделе светлината, но гласот што ми проговори не го чуле.

10. Тогаш реков: ,Кажи ми што да правам, Господе?‘ ,Стани, оди во Дамаск и таму ќе ти биде кажано се што треба да правиш!‘ - ми одговори Господ.

11. Потоа оние што беа со мене ме водеа до Дамаск, зашто јас бев заслепен од силната светлина и воопшто не можев да гледам.

12. Во Дамаск имаше еден човек по име Ананија. Тој беше побожен човек што се придржуваше до Божјиот Закон и уживаше голем углед кај сите Евреи од тој крај.

13. Тој дојде кај мене, ми пристапи и ми рече: ,Брате Савле, нека ти се врати видот!‘ Истиот миг видот ми се врати и можев да го видам Ананија.

14. Потоа тој ми рече: ,Богот на нашите прадедовци те одбра да се запознаеш со Неговата намера, да го видиш Праведникот и да го слушнеш повикот од Неговата уста.

15. Отсега ти ќе им проповедаш за Него на сите луѓе, ќе им кажуваш за она што си го видел и слушнал.

16. Што чекаш сега? Стани, крсти се и повикај Го Господ да ти ги измие гревовите!‘

17. Кога се вратив во Ерусалим, еден ден отидов во храмот за да се молам.

18. Во видение Го видов Исуса, Кој ми рече: ,Напушти го Ерусалим што поскоро, зашто тие нема да веруваат кога ќе им сведочиш за Мене!‘

19. А јас Му реков: ,Господе, зошто да не ми веруваат кога знаат дека јас ги затворав и ги тепав по синагогите оние што веруваа во Тебе!?

20. А кога го каменуваа Твојот сведок Стефан, и јас бев таму. Го одобрував убиството и им ги чував облеките на неговите убијци!‘

21. Но Господ ми рече: ,Ти наредувам да го напуштиш Ерусалим, зашто Јас те праќам далеку, меѓу нееврејските народи!‘“

22. Се до овој миг тие го слушаа, но кога го слушнаа последново, почнаа да викаат: „Истребете го овој човек од лицето на земјата! Тој не заслужува да живее!“

23. Викаа, мавтаа со своите наметки и фрлаа прав во воздухот.

24. Полковникот им нареди на војниците да го внесат Павле во тврдината и да го камшикуваат, за да признае какво злосторство извршил. Сакаше да дознае зошто народот толку гневно вика против него.

25. Кога го врзаа за да го камшикуваат, Павле го праша помладиот офицер што стоеше крај него: „Зар смеете да камшикувате римски граѓанин, кој за ништо не е осуден!?“

26. Тогаш помладиот офицер му пријде на полковникот и му рече: „Што ќе правиме сега? Овој човек е римски граѓанин!“

27. Полковникот отиде кај Павле и го праша: „Вистина ли е дека си римски граѓанин?“ “Да!“ - му одговори Павле.

28. Полковникот му рече: „И јас сум римски граѓанин; за тоа платив голема сума пари!“ Во одговор Павле му рече: „Јас сум римски граѓанин по раѓање!“

29. Војниците што требаше да го сослушуваат Павле веднаш се повлекоа, а се повлече и полковникот, исплашен што нареди римски граѓанин да биде врзан и камшикуван.

30. Следниот ден, сакајќи да дознае за што ќе го обвинат Евреите, полковникот го ослободи Павле од прангите и нареди да се соберат Првосвештениците и сите членови на еврејското собрание, па го доведе Павле и им го предаде на сослушување.