Нов Завет

Дела Ап. 16:23-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

23. Откако сурово ги претепаа, ги фрлија в затвор и му наредија на чуварот добро да внимава на нив.

24. Чуварот ја спроведе наредбата, ги фрли во најдлабокиот дел од затворот и им ги стегна нозете во пранги.

25. Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа.

26. Одеднаш силен земјотрес ги измести темелите на затворот; сите врати се отворија и прангите на сите затвореници им паднаа од нозете.

27. Чуварот се разбуди и кога виде дека вратите на затворот се отворени, го извади мечот за да се убие, мислејќи дека затворениците избегале.

28. Тогаш Павле силно викна и му рече: „Немој да се убиваш! Сите сме овде!“

29. Чуварот побара ламба и влезе внатре треперејќи, па клекна пред Павле и Сила.

30. Ги изведе надвор и им рече: „Господа, што треба да сторам, за да се спасам?“

31. Тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твоите домашни!“

32. Потоа тие нему и на сите што беа во неговиот дом им проповедаа за Господ,

33. а тој, уште ноќта, им ги изми раните и не чекајќи ниту миг беше крстен, и тој и сите негови домашни.

34. Ги одведе горе, во својата куќа, постави пред нив трпеза, па тој и сите негови домашни многу се радуваа што поверуваа во Бог.

35. Кога се раздени, градските судии испратија службеници да му речат на чуварот: „Ослободи ги тие луѓе!“

36. Чуварот му ги пренесе овие зборови на Павле: „Судиите ми наредија да ве ослободам, затоа слободно одете си.“

37. Меѓутоа, Павле им одговори: „Ние сме римски граѓани, а властите наредија јавно да не тепаат, без да ни се суди. Потоа не затворија. Зар сега сакаат тајно да не ослободат? Не може така! Нека дојдат судиите и тие лично нека не ослободат!“

38. Службениците им ја пренесоа на судиите пораката, а овие, кога дознаа дека Павле и Сила се римски граѓани, се уплашија.

39. Дојдоа, им се извинија, ги извадија од затворот и ги молеа да го напуштат градот.

40. Кога излегоа од затворот, Павле и Сила отидоа во домот на Лидија за да се видат со христијаните и да ги охрабрат, а потоа отпатуваа.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 16