Нов Завет

Дела Ап. 16:16-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

16. Еден ден, додека одевме на тоа место за молитва, не сретна една робинка која се занимаваше со вражање, со што им носеше многу пари на своите господари.

17. Тргна по Павле и по нас, и почна да вика: „Овие луѓе Му се служители на Севишниот Бог! Тие се дојдени да ви кажат како можете да се спасите!“

18. Тоа го правеше со денови, па кога на Павле му здодеа, се сврте кон духот што ја обземаше девојката, и му рече: „Ти наредувам во името на Исус Христос да излезеш од неа!“ Во истиот час гатачкиот дух излезе од неа.

19. Нејзините господари сфатија дека згасна нивниот извор на приходи, па ги фатија Павле и Сила и ги одвлечкаа на пазариштето, пред градските власти.

20. Ги изведоа пред судиите и почнаа да викаат: „Овие Евреи го вознемируваат целиот град!

21. Тие проповедаат обичаи кои за нас, Римјаните, се неприфатливи!“

22. Против Павле и Сила веднаш нагрвали толпа народ, а судиите наредија да им ги соблечат горните облеки и да ги тепаат со стапови.

23. Откако сурово ги претепаа, ги фрлија в затвор и му наредија на чуварот добро да внимава на нив.

24. Чуварот ја спроведе наредбата, ги фрли во најдлабокиот дел од затворот и им ги стегна нозете во пранги.

25. Околу полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа.

26. Одеднаш силен земјотрес ги измести темелите на затворот; сите врати се отворија и прангите на сите затвореници им паднаа од нозете.

27. Чуварот се разбуди и кога виде дека вратите на затворот се отворени, го извади мечот за да се убие, мислејќи дека затворениците избегале.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 16