Нов Завет

Дела Ап. 14:18-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

18. Дури и откако им го рекоа ова, одвај ги убедија луѓето да не им принесуваат жртви.

19. Тогаш од Антиохија и од Иконија пристигнаа неколку Евреи, кои го подбуцнаа народот да го каменуваат Павле. Потоа го исфрлија надвор од градот, сметајќи го за мртов.

20. Но кога тамошните христијани се собраа околу него, тој стана и се врати во градот. Утредента Павле и Барнаба заминаа за Дерба.

21. Откако во тој град ја проповедаа Радосната вест и придобија многу следбеници, апостолите Павле и Барнаба се вратија најпрвин во Листра, а потоа и во Иконија и писидиска Антиохија,

22. за да ги охрабрат Христовите следбеници, давајќи им поттик да истраат во верата, учејќи ги дека пред да втасаме во Божјото царство ќе треба да минеме низ многу неволи.

23. Во секоја црква поставија старешини, откако постеа и се молеа, а потоа ги предадоа во рацете на Господ, во Кого поверуваа, Тој да се грижи за нив.

24. Потоа преку Писидија се вратија во областа Памфилија.

25. Уште еднаш проповедаа во Перга, а оттаму заминаа за Аталија

26. од каде со брод се вратија во сириска Антиохија, град од којшто и го започнаа првото мисионерско патување, со доверба дека Божјата благонаклоност ќе ги води во извршувањето на работата. Таа задача сега беше успешно завршена.

27. Кога пристигнаа во Антиохија, ја собраа целата црква, им раскажаа за се што Бог направи преку нив, и како и на нееврејските народи им ја отвори вратата на верата.

28. Тука останаа подолго време со тамошните христијани.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 14