Нов Завет

Дела Ап. 10:7-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Кажувајќи му го ова, ангелот си замина. Корнелиј викна двајца слуги и еден од своите потчинети војници, кој исто така беше побожен човек.

8. Им објасни што се случи и ги испрати во Јопа.

9. Утредента, околу пладне, додека гласниците на Корнелиј патуваа и се приближуваа накај градот, Петар се качи на рамниот покрив за да се моли.

10. Кога огладне, посака нешто да јаде. Додека му го подготвуваа јадењето, тој падна во занес

11. и виде како се отвора небото, и како кон земјата се спушта нешто како големо, ленено платно, врзано на четирите ќошиња,

12. а во него имаше секаков вид четириножни животни, влечуги и птици.

13. Тогаш слушна глас: „Петре! Стани, коли и јади!“

14. „Никако Господе! Јас никогаш досега не сум јадел нешто што е забрането да се јаде според еврејските закони!“ - одговори Петар.

15. Гласот уште еднаш му се јави: „Немој да го сметаш за нечисто она што Бог го исчистил!“

16. Ова се повтори трипати, а потоа платното беше кренато на небото.

17. Петар беше збунет и се прашуваше што може да значи ова видение. Тогаш ги виде луѓето испратени од Корнелиј, кои, прашувајќи, дојдоа до куќата на Симон и стоеја пред портата,

18. прашувајќи дали тука престојува Симон, наречен Петар.

19. Додека Петар уште размислуваше за видението што го имаше, Светиот Дух му рече: „Те бараат тројца мажи.

Прочитајте целосна глава Дела Ап. 10