Нов Завет

2 Солунјаните 2:5-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. Зарем не се сеќавате дека ви го зборував ова додека бев кај вас?

6. Вие знаете што е тоа што го спречува Злиот да се појави, се додека не дојде времето тој да настапи во јавноста.

7. Неговата зла сила веќе подмолно дејствува, но има некој што го задржува и така ќе биде се додека тој не му се тргне од патот.

8. Тогаш Човекот на гревот ќе се појави, а Господ Исус со Својот здив ќе го убие, ќе го уништи при Своето повторно доаѓање.

9. Тој зол човек ќе дојде за да ги изврши делата на Сатаната: со сета своја сила ќе покаже лажни чудотворни знаци.

10. Со своите зли дела ќе успее да ги измами оние што одат по патот кој води во пропаст, зашто одбија да ја засакаат вистината и така да се спасат.

11. Затоа Бог им испраќа една толку уверлива измама, што ќе поверуваат во сите тие лаги.

12. Тогаш сите тие ќе бидат казнети, бидејќи, наместо да поверуваат во вистината, тие уживаа да прават зло.

13. Чувствуваме обврска постојано да Му бидеме благодарни на Бог за вас, драги пријатели христијани, вас што Господ ве засака. Тој ве одбра да се спасите меѓу првите, така што Светиот Дух ве посвети, а вие поверувавте во вистината.

14. Преку нашето проповедање на Радосната вест Бог ве повика да се спасите. Сега можете и вие да се придружите кон славата на нашиот Господ Исус Христос.

15. Затоа, драги пријатели христијани, бидете непоколебливи и држете се цврсто до она што ве учевме лично и преку нашите писма.

16. А сега, нашиот Господ Исус Христос и Бог Таткото, Кој не сака и ни даде трајна утеха и прекрасна надеж со Својата благонаклоност спрема нас,

17. нека ви ги насрчат срцата и нека ви дадат сила постојано да го зборувате и да го правите она што е добро.

Прочитајте целосна глава 2 Солунјаните 2