Нов Завет

1 Петар 3:14-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

14. Па дури и ако страдате, борејќи се за правдата, Господ ќе ве награди. Затоа, немојте да се плашите од нивните закани, не губете си го спокојството.

15. Почитувајте Го Христос од се срце, како свој Господ. Бидете секогаш подготвени да му одговорите на секој што ќе ве праша за вашата христијанска вера.

16. Одговарајте им на луѓето кротко и со страхопочит. Вашата совест треба да биде чиста. Тогаш оние што зборуваат против вас ќе бидат посрамени од вашето добро поведение, какво што и му прилега на еден следбеник на Христос.

17. Па ако Бог допушти и да страдате, подобро е да страдате поради тоа што вршите добро, отколку да страдате поради зли дела.

18. Па и Христос пострада, кога умре за нашите гревови, еднаш засекогаш. Тој беше безгрешен, но умре за нас грешните, за да не врати кај Бог. Телесно беше убиен, но преку Светиот Дух оживеа.

19. Тој отиде да им проповеда на духовите што лежат в затвор,

20. на оние што долго време во минатото беа непокорни, а Бог трпеливо ги чекаше, на оние што изгинаа во времето на Ное. Тогаш беше направен ковчегот во кој само неколкумина, односно осум души, се спасија од смрт преку водата.

21. Таа симболика го претставува крштавањето со кое сега сте спасени. Крштавањето не е отстранување на нечистотијата од телото, туку завет пред Бог што се дава со чиста совест. Тоа е сега можно затоа што Исус Христос воскресна.

22. Сега Христос е на небото и седи на почесно место - од десната страна на Бог. Сите ангели, власти и сили се под Негова контрола.

Прочитајте целосна глава 1 Петар 3