Нов Завет

1 Петар 3:11-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

11. Од злото настрана нека се држи добро нека прави, кон мир нека се стреми и за мир нека работи.

12. А Господ бдее над праведниците и благонаклоно им ги слуша молитвите, додека спрема оние што вршат зло Господ го упатува Својот прекорен поглед.“

13. Ако ревносно правите добро, кој ќе ви напакости?

14. Па дури и ако страдате, борејќи се за правдата, Господ ќе ве награди. Затоа, немојте да се плашите од нивните закани, не губете си го спокојството.

15. Почитувајте Го Христос од се срце, како свој Господ. Бидете секогаш подготвени да му одговорите на секој што ќе ве праша за вашата христијанска вера.

16. Одговарајте им на луѓето кротко и со страхопочит. Вашата совест треба да биде чиста. Тогаш оние што зборуваат против вас ќе бидат посрамени од вашето добро поведение, какво што и му прилега на еден следбеник на Христос.

17. Па ако Бог допушти и да страдате, подобро е да страдате поради тоа што вршите добро, отколку да страдате поради зли дела.

18. Па и Христос пострада, кога умре за нашите гревови, еднаш засекогаш. Тој беше безгрешен, но умре за нас грешните, за да не врати кај Бог. Телесно беше убиен, но преку Светиот Дух оживеа.

19. Тој отиде да им проповеда на духовите што лежат в затвор,

20. на оние што долго време во минатото беа непокорни, а Бог трпеливо ги чекаше, на оние што изгинаа во времето на Ное. Тогаш беше направен ковчегот во кој само неколкумина, односно осум души, се спасија од смрт преку водата.

Прочитајте целосна глава 1 Петар 3