Нов Завет

1 Коринтјаните 7:30-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

30. Наскоро ќе биде неважно дали сте живееле во тага или во радост, дали сте имале имот или не,

31. дали сте добиле нешто од овој свет или не, бидејќи овој свет, во сегашниот облик, ќе го нема.

32. Би сакал да бидете ослободени од овоземните грижи. Неоженет човек може да му се посвети на Господовото дело, трудејќи се да Му угоди на Господ,

33. а оној што е оженет се грижи и за овоземни работи, бидејќи сака да и угоди и на својата сопруга.

34. Неговото внимание е поделено. На ист начин, и немажена жена или девојка можат да му се посветат на Господовото дело, па така ќе бидат свети и телесно и духовно. Мажената жена, пак, се грижи и за овоземни работи, за да може да му угоди на својот сопруг.

35. Ова ви го пишувам за ваше добро, а не за да ве ограничувам. Само сакам да Му бидете приврзани на Господ со неподелено внимание.

36. Ако некој има девојка во зрели години и смета дека не е убаво да ја остави немажена, нека постапи според своето убедување. Бракот не е грев!

37. Но ако некој цврсто решил да не се жени, односно, не чувствува таква потреба и може да ги контролира сопствените страсти, тогаш нека не се жени, туку нека остане девственик. И во тој случај добро ќе направи.

38. Значи, сосема е во ред ако некој реши да заснова брак, но уште подобро е ако човек може да остане самец.

39. Секоја сопруга има обврска да остане со својот сопруг се додека е тој жив. Ако тој почине, таа е слободна да се омажи за кого што сака, но треба да ги следи правилата на Господ.

40. Сепак, верувам дека таа ќе биде посреќна ако не се премажува и, кога го велам ова, сметам дека Божјиот Дух ви дава совет преку мене.

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 7