Нов Завет

1 Коринтјаните 15:28-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

28. Кога се ќе биде под власта на Божјиот Син, тогаш Самиот Тој ќе Му се потчини на Бог, Кој претходно Нему Му потчини се. Така Бог целосно ќе владее над се.

29. Ако нема воскресение за мртвите, тогаш што сакаат да постигнат луѓето што се крштаваат заради нив? Зошто се крштаваат во името на мртвите, ако нема воскресение на мртвите!?

30. Зошто ние секој миг се изложуваме на опасности?

31. Зошто јас секојдневно се соочувам со смртта? Ви се колнам дека е така, ви се колнам во она со што многу се гордеам пред нашиот Господ Исус Христос, а тоа е што вие станавте христијани.

32. Ако во Ефес се борев со диви ѕверови надевајќи се само на она на што се надеваат обичните луѓе, каква корист ќе имам од тоа? Ако нема воскресение за мртвите, тогаш: „Да јадеме и да пиеме, зашто и онака наскоро ќе умреме!“

33. Не дозволувајте да ве залажат оние што така велат, зашто: „Лошото друштво го уништува добриот карактер!“

34. Вразумете се како што треба, и престанете да грешите! Простете што ќе ви го кажам ова, но треба да се засрамите, што некои од вас се уште не Го познаваат Бога!

35. Некој од вас ќе праша: „Како ќе воскреснат мртвите? Какви тела ќе имаат?“

36. Размислете разумно: кога сеете некое семе, тоа најпрво умира, а потоа од него израснува живо растение.

37. Она што го сеете е голо зрно пченица или нешто друго. Семето изгледа сосема различно од растението што подоцна ќе изникне.

38. На секое посејано семе Бог му дава тело какво што Тој сака. Секое си има свое сопствено тело.

39. А знаеме дека има разлики меѓу телата на луѓето, животните, птиците и рибите.

40. Постојат и небесни и земни тела, но славата на небесните тела е различна од убавината на земните тела.

Прочитајте целосна глава 1 Коринтјаните 15